Македонија

2.000 вработени оставени на цедило: Врие во Македонски пошти, најавени протести и штрајкови

Синдикатот на Македонски пошти најавува протести. 2.000 вработени се крајно револтирани бидејќи велат дека се оставени на цедило.

Како што вели синдикалниот лидер Боро Велигденов, фирмата е на работ на егзистенција. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа.
Синдикатот смета дека состојбите се последица на лошата кадровска политика и партизација и затоа ќе изготви нова систематизација, која ќе ја достави на идната Влада.

,,Со постоечката систематизација имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а сѐ помалку работници. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места. Затоа е потребна нова систематизација, да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“, изјави пред Влада, Велигденов.

Од нивната работа пак се незадоволни граѓаните. Пратките бавно ги добиваат, а за некои од странство се чека и по неколку месеци.

Во Македонска пошта има два синдиката, а во активностите што ги планираат нема да учествува другиот репрезентативен Синдикат, чие раководство по протестот донело таква одлука.

На почеток