Имам нешто да те прашам

Кики Рахимовски: Самиот факт дека семејството е заедно, тоа е најголемиот подарок (Фото+Видео)

Неколку дена пред дочекот на Новата година од страна на нашите соработници и пријатели Кроација Рекорд и почитуваниот Иван Беќковиќ бевме поканети на дружење со Кики Рахимовски, син на познатата поп-рок легенда на Балканот, Аки Рахимовски. Неформално дружење со кафе муабет, каде секој можеше да праша се она што го интересира поврзано со неговата музичка кариера. Иако не толку познат во Македонија, сепак, со огромна тежина и багаж поради презимето и знаејќи дека позади себе има 20 години музичка кариера и негов ментор и учител бил еден од најдобрите.

И покрај тоа што во Скопје ја промовираше неговата најнова „Киша је падала“, сонцето силно светна и не дозволи ниту капка во нашиот град.

Имавме чест и ретка привилегија да се дружиме и да разговараме со еден од познатите музичари во Хрватска и регионот. А што тој ексклузивно одговори и откри за Музика24, прочитајте во продолжение.

Музика24: Освен како дете, после многу години, минатата година за прв пат доаѓаш во родниот град на твојот татко, градот Скопје. Кажи ни, како ти се допаѓа Скопје и што ти остави најголем впечаток?

Кики Рахимовски: Тука се чувствувам неверојатно. Исто како да сум дома. Како да сум во сопствената куќа, но, сеуште се ми е неоткриено и непознато. Сеуште Скопје го откривам. Има толку убави работи тука, што мислам дека со текот на времето пополека ќе го засакам овој град. Од тука доаѓаат моите корени.

Музика24: Сите ние имаме посебен однос со нашите родители, со нашите татковци. Каков беше твојот однос со Аки. Релацијата тако – син?

Кики Рахимовски: Јас и мојот татко имавме навистина посебен однос. Тој многу патуваше, свиреше, настапи, концерти… додека бев дете, а и потоа. Секако, беше тешко да се сфати и разбере сето тоа во тој период. Имавме свои несогласувања… еден навистина тежок период, но… крв е тоа, знаете. Јас и мојот татко бевме нераскинливи. Тоа е тоа. Јас како и секое дете правев одредени грешки, и тој како татко имаше некои грешки… Јас денес кога имам свои деца можам сето тоа да го сфатам. Не постои идеален и совршен родител. Единственото нешто што го знам со сигурност е дека многу ме сакаше.

Музика24: 20 години се занимаваш со музика. Тоа се тие наследени гени од татко Аки. Дали досега си имал храброст и додека си на сцената да отпееш негов познат хит, рефрен… Дали можеби размислуваш некоја од оние легендарните и хитовски песни како преработка да ставиш на твојот нов албум?

Кики Рахимовски: Што се однесува на пеењето на одредени песни од мојот татко, бев почестен да отпеам неколку песни во арената во Загреб и во Пула. Во Загреб отпеав три песни „Загреб има исти позивни“, „Гледам је док спава“ и „Када ме дотакне“, настапите ги има на YouTube. А во Пула дополнително „Јесен у мени“. Така да луѓето можат да слушнат дека тоа е моја крв и дека сум негов син. Тоа е голема чест. Мојот татко направи се што можеше да направи, сигурен сум дека можеше и многу повеќе од тоа. Но, тој многу, многу одамна има влезено во срцето на луѓето, на таа генерација и беше остварен како човек. Мене тој пат допрва ме очекува.

Музика24: Дали Аки ти остави некаков аманет, што и како понатаму?

Кики Рахимовски: Не, никогаш. Пред шест години, на мои 36 години, кога напишав песна и победив на Загребскиот фестивал и го освоив првото место, тоа беше прв пат кога тој ми рече: „Сине, сега можам да одам. Сега стана вистински пејач“. Јас знам дека знам да пејам. да не звучам препотентно, но… долги години човек може да пее а да не пее, ако ме разбирате. Почнав да ги пренесувам своите емоции во одреден дел од животот. Тогаш мојот татко почувствува… тоа е всушност поената на се, кога тој почувствува дека можам да ги пренесувам емоциите. Мојот живот не беше воопшто лесен, како ни животот на мојот татко. Веројатно се тоа се има насобрано, и пополека излегуваше низ песна. Драго ми е што луѓето почнаа тоа да го разбираат и препознаваат, инаку јас денес немаше да бидам тука.

Музика24: Веќе следната 2024-та година ќе започнеш да го подготвуваш твојот нов албум. Кажи ни кој се е автор на песните, каков жарн се истите и што можеме да очекуваме од Кики Рахимовски?

Кики Рахимовски: Албумот би трабало да биде готов на пролет. Но како што спомена мојот менаџер Саша Драгиќ, тоа зависи од многу фактори, а и во меѓувреме треба да се случат уште неколку навистина добри песни. Морам да признаам, добро тргна со песната „Сузама небеским“. План постои, но мене сега ми е најбитно бендот добро да се навежба и се што може да се направи во врска со тоа, бидејќи сето тоа некако трае многу подолго од предвиденото. Да се вратиме во колосек и да почемне да свириме, посебно би се радувал кога би дошол во Скопје.со настапи и концерти да се запознаам со македонската публика.

Музика24: Дали подготвуваш можеби некое музичко изненадување за македонската публика и сите твои македонски фанови? Преработка на некоја македонска песна или слично?

Кики Рахимовски: Јас сум сега во процес кога ги запознавам луѓето во Македонија. Не знам колку македонската публика е воопшто запознаена со она што јас го работам и воопшто со моите песни. Јас досега имам свирено, натапувано речиси во сите земји од регионор освен во Македонија. И секаде имам фанови… но велам, тоа е еден процес што мора да помине тука… Верувам дека луѓето, публиката убаво и пријатно ќе се изненади од сето она што јас го подготвувам сега и сакам да го претставам се она што го имам работено последните 20 години. Сакам тоа пополека да го изградам тука кај Вас во Македонија. Јас верувам дека тоа ќе им се допадне на луѓето, а што понатаму ќе биде, тоа навистина незнам. Но верувам дека ќе биде добро.

Музика24: На чекор сме до Новата 2024-та година. Како ја доживуваш сета оваа новогодишна и празнична еуфорија и лудило, дали и тебе те има понесено тој празничен дух…?

Кики Рахимовски: Толку многу сакам и имам желба да се вратам на сцената и повторно со бендот да свириме после долгата пауза, знаете поради целата таа ситуација која што беше изминатите години, ковид, пандемијата и што се не… Би сакал токму за дочекот на Новата година да свирам, но за жал тоа нема да се случи оваа година. Така да Новата година ќе ја дочекам со моето семејство, и тоа ќе биде последна година и моја привилегија што ќе моќам тоа да си го дозволам. Инаку со мојот бенд сеуште сме на оние завршни проби, така да се би требало да заврши до 27 јануари од кога би требало да се активираме и да почнеме и ние со свои настапи во живо и концерти. Верувајте јас сум премногу нестрплив да се качам на сцената и да почнам да пејам.

Музика24: Дали Кики верува во Дедо Мраз?

Кики Рахимовски: Не… Јас за себе не можам да кажам дека сум нешто посебено религиозен човек, бев четири години во едно духовно искуство кое го надминав. Јас верувам дека постои некоја сила која сите не спојува, не држи заедно… една сила која е поврзана со љубовта. Мој личен избор е Исус. На мене како христијанин секогаш ми се поставуваше прашањето, знаете, Исус е роден во штала нели, во сиромашно семејство… Јас можам да го разберам капитализмот и комерцијализацијата, но покрај Исус да создаваш уште еден лик Дедо Мраз кој им носи на децата подароци… океј, но децата некогаш прашуваат Тато што ќе ми купиш за Нова година или што ќе ми донесе Дедо Мраз… Не ти е тебе роденден, роденден му е на Исус, тој бил скромен… Јас некако Божиќ и Нова година ги гледам како време кога семејството треба да биде заедно. Самиот факт дека семејството е заедно, тоа е најголемиот подарок. Подароци, океј… Позитивен лик е Дедо Мраз, но некако ми нема поента ако ме разбирате.

Музика24: Кои се твоите планови за Новата 2024-та година?

Кики Рахимовски: Настапи, настапи, настапи… Враќање на музичката сцена после долгата пауза и враќање меѓу публиката и фановите.

Музика24: Дали следната година може да те видиме на некој познат македонски музички фестивал, има неколку што се сериозни и кои постојат години и години?

Кики Рахимовски: Тоа ќе мора да го прашате мојот менаџер. Тој ги знае сите планови и што и како треба да се случи. Сигурен сум дека Саша Драгиќ ќе ми јави доколку има нешто такво, а може прво и на Вам да ви јави (се смее).

Музика24: Што би им посакал на сите твои фанови во Македонија, сите оние кои што те знаат, те почитуваат и ја слушаат твојата музика за Новата 2024-та година?

Кики Рахимовски: Пред се на Вас и на Вашата редакција од музичкиот портал Музика24, Ви посакувам се најдобро за време на новогодишните и божиќни празници. На сите мои фанови и на македонската публика им посакувам пред се многу здравје и љубов… верувајте доколку тоа го имаме се останато само ќе си дојде. Да престанаме да се мрзиме меѓусебе и да се слушаме едни со други. Да простуваме, што е една најтешка човечка особина. Тоа си го посакувам на себе си и на сите Вас во Македонија.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: