Мицкоски: Ова се избори за или против постоење на Македонија, ајде да му помогнеме на Пендаровски да се исели

Ова се избори на кои треба да одлучиме дали ќе постои Македонија онаква и во оваа форма во која што ја знаеме или нема да постои. Ова сериозно го мислам и го знам врз основа на информациите со кои располагам, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при учеството на митинзите за промоција на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во Долнени и Македонски Брод.

Мицкоски повика на масовност на изборите за претседател на држава и поддршка за Силјановска Давкова.

-Граѓаните имаат две опција. Македонија горда и Гордана Силјановска Давкова и другата опција каде што е Македонија засрамена и понижена која што ја претставува Стево Пендаровски. Изборот е јасен уште на самиот почеток. Затоа ве молам најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а на 8 мај уште помасовно не само горда туку и твоја, за идна влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, рече Мицкоски на митингот во Ропотово, општина Долнени.

Секогаш кога имаме влада предводена од СДСМ, како што рече, македонскиот народ и Македонија губат и се удира директно врз македонскиот идентитет.

На овие избори, посочи Мицкоски, се бира „за“ и „против“ Македонија.

-СДС се обидува да ги претстави овие избори кои следат како избори за ЕУ или против ЕУ. Тие биле за ЕУ, а ние според нив сме биле против ЕУ и тоа е погрешна теза. Ова се избори на кои бирате за и против Македонија, нема трета опција. На овие избори бираме дали ја сакаме Македонија и ја бираме Гордана Силјановска Давкова и коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ или сме против Македонија, а тоа е Стево Пендаровски и коалицијата што ја предводи СДСМ, рече Мицкоски на митингот во Македонски Брод.

За кандидатот за претседател Стево Пендаровски рече дека е „подизведувач на политиките на ДУИ.

-Две работи кои се значајни и не треба да се заборават за Стево Пендаровски, тоа се, првата и најзначајна а тоа е дека според Стево Пендаровски, Гоце Делчев бил Бугарин. Втората и многу значајна работа е дека ако не бил избран за претседател тогаш Стево ќе се иселел од Македонија. Па ајде да му помогнеме на 24 Април да почне со пакувањето на куферите и на 8ми Мај да се исели, рече Мицкоски.

Централниот митинг за промоција на Силјановска Давкова ќе се одржи во Кичево.

- Реклама -