Ковачевски: Со иднината на државата нема тргување

20
Фото:Фејсбук

СДСМ не прифаќа никакви условувања и со никого нема да прави политички дилови, особено не со некого кој веќе се продал на нашиот политички противник и мора да пишува писма за да го оправда своето шурување и своето  коалицирање со нашиот политички противник. Овде се работи за прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Аеродром.

Ова од митингот во скопски Аеродром вечерва го порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, како одговор на условите за евентуална коалиција со неговата партија кои ги постави лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, меѓу кои и услов за неотповиклива оставка на раководството на СДСМ.

Ковачевски порача оти СДСМ не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички договори.

„СДСМ е едиствената партија наследник на Сојузот на комунисти на Македонија, на Народноослободителната борба, наследник на независната Македонија и Киро Глигоров. За разлика од субјектите како ЗНАМ кои се човек-партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас нè водат социјалдеморкатските вредности. Борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија и не се откажуваме од тоа“,порача Ковачевски од митингот во Аеродром.

Во однос на носителите и коносителите на пратеничките листи на СДСМ, за кои Димитриевски од ЗНАМ побара на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати, а дека нив ќе ги преземат кандидатите кои следат на кандидатските листи, Ковачевски вели оти и носителите и останатите кандидати излегуваат на изборите за да ги претстават програмата на СДСМ и коалицијата и со социјалдемократската идеја да бараат поддршка од граѓаните.

„Ние не сме излезени на избори за да враќаме стари долгови кои ги долгуваат по Куманово затоа што за првпат го донесоа на власт ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, па сега мора да му враќаат на државно ниво и на тој начин да ја помагаат и Гордана Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ да имеле поголема разлика. Но, една рабтоа ќе им порачам – крајот од денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома и затоа ве уверувам дека ќе ги гледате стуткани во некој ќош таму во Собранието како седат во последна клупа со наведнати глави, изгубени од својата идеологија и застранети заедно со наследниците на Ванчо Михајлов“додава Ковачевски.

Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска на двете најголеми партии од македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, им постави услови за можно коалицирање без чие исполнување, како што рече, нема да има почеток на разговорите за евентуална соработка со едните или со другите.

Димитриевски постави услови за коалиција: Врвот на СДСМ да поднесе оставка, а ВМРО-ДПМНЕ да не заговара соработка со Заев.