Меси би можел да се врати во Барселона

by Fokus

Фудбалерот на ПСЖ и аргентински репрезентативец Лионел Меси не е веќе сигурен дека сака да го продолжи договорот со францускиот првак и би можел да се врати во редовите на Барселона, објави денеска шпанскиот весник „Марка“.

Меси има договор со ПСЖ до крајот на сезоната, а пред Мундијалот во Катар, наводно, постигнал начелен договор со клупското раководство за продолжување на соработката до лето 2024 година.

„Со освојувањето на светската титула Меси ја исполни последната цел која ја имаше во кариерата. Аргентинецот би сакал до крајот на кариерата да игра таму каде што сака да игра. Ако се има предвид дека освојувањето титули во Франција со ПСЖ не го радува, а не му е посебен мотив ниту освојувањето на Лигата на шампиони со тој клуб, неговото враќање во Барселона е многу реално“, наведува „Марка“.

Весникот, притоа, додава дека аргентинскиот капитен би морал да се согласи на големо кратење на платата доколку сака да се врати во Барселона.

Меси (35) беше член на Барселона од 2000 до 2021 година, а потоа поради тешката финансиска состојба во која се најде каталонскиот клуб, прејде во редовите на ПСЖ.

Поврзани новости