Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК прифати приговор на коалицијата „Влен“
Државната изборна комисија денеска почна со разгледувањето на 27 приговори поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Oд поднесените приговори од коалицијата „Влен“, досега, ДИК прифати еден, а еден отфрли.
До ДИК се поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.
Прифатениот приговор се однесува за гласањето на избирачкото место 2102 во Желино.
Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.
Вториот приговор поднесен од „Влен“ кој беше одбиен, се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.