Легендата на Вардар и Тетекс кој погодуваше против екипите од големата југословенска четворка направи тикет во хуманитарни цели (Фото)

Нов петок и нов хуманитарен тикет на Sport Life, овојпат со легендарниот фудбалер на Вардар и Тетекс, Стојмир Урошевиќ. Фудбалер кој беше дел од златните генерации и на Вардар и Тетекс, кошмар за противничките одбрани, а голови им даваше и на сите екипи од големата југословенска четворка. Според скромното мислење на авторот на овие редови, најдобриот фудбалер во историјата на Тетово и еден од најдобрите во Македонија. Освен за великаните Вардар и Тетекс, во својата кариера настапуваше и за Југохром, Приштина, но и во Бугарија, каде што го сметаат за вистинска легенда, во екипите на Пирин од Благоевград и во Ќустендил. Според бројот на настапите, тој е во топ-20 во екипата на Вардар.

„Вардар е клубот за којшто одиграв најмногу натпревари во кариерата, иако мој матичен клуб е Тетекс. Резултатите кои ги постигна Вардар оваа сезона ги надминаа очекувањата, ова е и повеќе од максимумот, со оглед на состојбата во клубот. Очекувам дека Вардар сигурно ќе остане во лигата, тешко дека ќе го стори тоа директно, но со сигурност ќе го добие баражот против Детонит Плачковица. Едноставно, Вардар е поквалитетен, а тоа ќе го покаже и на теренот, а следната сезона веќе може да се очекуваат и многу подобри резултати. Што се однесува до борбата за титулата, предност ѝ давам на Шкендија бидејќи победи на гости кај Шкупи и сега веќе со победа во недела против Струга и теоретски ќе биде шампион на Македонија. Финишот на првенството беше интересен, три екипи со еднакви шанси влегоа во битката, но, за жал, тоа е израмнетост во неквалитет, а не во квалитет“, вели Урошевиќ.

Во 1991 година Црвена ѕвезда го постигна најголемиот успех на југословенскиот фудбал и стана европски шампион, а веќе есента гостуваше во Скопје на првенствен натпревар против Вардар. Во 84-тата минута пенал над Стојмир Урошевиќ, а Бобан Бабунски е прецизен реализатор за победа на Вардар од 1-0 над актуелниот европски шампион.

„Едноставно, не може да се прави споредба на времето кога јас играв и денешниот фудбал кој се игра во Македонија. Разликата е небо и земја. Разликата е токму во квалитетот. Југославија беше голем пазар, се вложуваше во клубовите и во развојот на фудбалот, но и се играше фудбал со срце. Секако, големо влијание имаше и правило дека фудбалерите до 27 години не смее да играат за странски клубови. Замислете еден Горан Пандев до 27 години да играше за некој македонски клуб. Тогаш Црвена ѕвезда дојде до титулата европски шампион, останатите клубови играа во полуфинале или четвртфинале на европските купови. Играв во најубавите времиња и на Тетекс и на Вардар. Успехот кој го направивме со Тетекс во 1981 година, кога влеговме во првата лига на Југославија, е еднаков како сега некоја наша екипа да влезе во групите на Лигата на шампионите. Таа лига толку многу беше квалитетна“, се потсетува Урошевиќ на времето кога во Македонија се играше многу подобар фудбал од денешниот.

Сепак, денешниот фудбал го вртат парите и сè е комерцијализирано, па успех како тогашниот е многу тешко да постигне која било екипа од овие простори.

„Денес е голема разликата во парите кои се вложуваат во клубовите од нашите простори и оние во топ пет лигите. Денес сè е маркетинг, сè е комерцијализирано, дури и Лигата на шампионите не треба да се вика така. Лига на шампиони може да биде ако играат само шампионите на државите, а не по пет или шест екипи од иста држава. Кога Црвена ѕвезда стана шампион на Европа, играше само против шампионите на другите земји и, секако, мора да ги победиш и шампионите на Англија, Шпанија, Германија и останатите земји од западна Европа за да дојдеш до трофејот. Сега се игра по групи, големите се фаворизирани бидејќи и да кикснат, имаат шанса за поправен на останатите натпревари“, додава Урошевиќ.

Стојмир Урошевиќ беше дел од првата репрезентација на Македонија, која под водство на Ѓоко Хаџиевски играше само неофицијални натпревари против клубови и разни комбинирани селекции. Сепак, веќе беше на залезот на кариерата и не успеа да забележи официјален настап за репрезентацијата на независна Македонија, но со своите игри во 80-тите и почетокот на 90-тите години остави траен белег во македонскиот фудбал.

„Клучот за пласманот на Европското првенство во 2020 година беа Горан Пандев и Игор Ангеловски, но и правилата. Ние никогаш не дојдовме ни блиску до директен пласман преку регуларните квалификации, а на почетокот од 90-тите години на минатиот век имавме страшна репрезентација со Дарко Панчев како Златна копачка на Европа, Илија Најдоски, Чедомир Јаневски, Драги Канатларовски. Страшни фудбалери кои беа на залезот од кариерата и немаа време да дојдат до пласман на Европско првенство. Сепак, и правилата за пласман го направија своето. Тогаш помалку репрезентации играа на првенствата, а не постоеше ниту Лигата на нации. Дарко Панчев и Горан Пандев се нашите најдобри фудбалери во историјата, секој на свој начин и во своето време и не ги сакам споредбите кој од нив бил подобар. Пандев беше вистински лидер на репрезентацијата, харизматичен водич кој знаеше како да ги сплоти останатите фудбалери околу себе. Тие сите играа за него, го респектираа. Игор Ангеловски вистинскиот потег го направи со тоа што го врати Горан Пандев во репрезентацијата, а тогаш успехот беше неминовен. Во моментов немаме таков лидер во репрезентацијата“, го завршуваме разговорот со Урошевиќ со најболната тема за сите навивачи на македонската фудбалска репрезентација.

Во продолжение, хуманитарниот тикет кој го состави Стојмир Урошевиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести