EPA-EFE/FILIP SINGER

Најдобрите ракометни селекции ги дознаа противниците на Олимписките игри во Париз. Репрезентацијата на Франција важи за фаворит на двата турнира, и во машка и во женска конкуренција.

Покрај Франција, во машка конкуренција, во групата Б се наоѓаат и селекциите на Данска, Норвешка, Унгарија, Египет и на Аргентина, додека во групата А ќе се соочат Хрватска, Словенија, Шпанија, Германија, Шведска и Јапонија.

Што се однесува до женскиот дел од ждрепката, Франција е во групата Б, со Унгарија, Холандија, Шпанија, Бразил и со Ангола, додека во групата А се Норвешка, Германија, Шведска, Данска, Јужна Кореја и Словенија. Во следната фаза ќе се пласираат првите четири репрезентации од секоја група, со што ќе се комплетира четвртфиналната фаза.

Македонија не е на овој турнир. Сите очи во Париз ќе бидат насочени кон Никола Карабатиќ, кој ќе ја заврши својата кариера со настап за репрезентацијата на Олимписките игри во Париз.

Францускиот бек, кој во април полни 40 години, ќе го одигра својот последен натпревар на 31 мај, против Екс Прованс, во рамките на француското првенство, на клупско ниво. Доколку не се пласира на завршниот турнир во Лигата на шампионите, дуелот против Екс Прованс ќе му биде последен на ПСЖ во сезоната.

За тој натпревар, ПСЖ експресно продаде 10.000 билети за трибините во „Акор арената“. Иако има уште месец и половина до тој натпревар, веќе две третини од целосниот капацитет (вкупно 15.600) се исполнети.

Што се однесува до трката во Лигата на шампионите, ПСЖ во четврт-финалето налета на Барселона и патот до „фајналфор“ турнирот е навистина тежок.