Манипулација е ако ВМРО ДПМНЕ се поврзува со некакво руско сценарио од страна на ДУИ, одговара техничкиот министер за внатрешни Панче Тошковски. Во интервју за РСЕ зборува и за процесот на издавање лични документи, за набавките во четири очи во министерството, за Сјеф сити камерите.

-Тотално е несериозно и е крајно политиканство како и политичка злоупотреба ВМРО ДПМНЕ да биде обвинувана во оваа насока. Знаеме дека ВМРО ДПМНЕ е првата партија која прецизно и јасно има дефинирано во својот статут каде се гледа себе си и каде ја гледа државата а тоа е се разбира како дел од европското семејство и дел од НАТО и никако поинаку. За тоа мислам дека е обид за манипулација на граѓаните, било како да се поврзува ВМРО ДПМНЕ, вели за РСЕ техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски во врска со терминологијата која се користеше во изјавите на Али Ахмети и ДУИ, дека во земјава се подготвува „руско сценарио“ по изборите.