Сијарто: Американскиот амбасадор да не се меша во внатрешните работи на Унгарија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го повика американскиот амбасадор Дејвид Пресман, кој го критикуваше ставот на Будимпешта за антируските санкции, да не се меша во внатрешните работи на земјата.

„Кога примаме амбасадори, тоа го мислиме буквално – примаме амбасадори. Сметаме дека тоа се луѓе кои се испратени овде да ги подобрат и развиваат односите меѓу двете земји врз основа на взаемно почитување“, рече Сијарто.

Сијарто нагласи дека изјавата на американскиот претставник е „апсолутно ирелевантна“, бидејќи Пресман „нема никаква врска“ со внатрешните политички процеси во Унгарија и „не е негова работа“ да се меша во нив.

Според него, ерата на „гувернери и регенти“ испратени да кажат како да управуваат со територии е завршена.

„Никој однадвор не може да ни каже како да живееме, па не е важно што мисли граѓанин на друга земја, вклучително и амбасадорот, за внатрешните политички процеси во Унгарија“, рече Сијарто.

Тој додаде дека дејствијата на унгарската влада се определени исклучиво од националните интереси на земјата. Пресман претходно ги обвини унгарските власти дека се противат на европските санкции против Русија.