„ВЛЕН влезе еуфорично против Европскиот фронт“: Каде потфрли Таравари во дуелот против Османи?

од Nikola Popovski

Резултатот е првото полувреме од големиот натпревар. Албанската опозиција влезе еуфорично и со големи очекувања за резултатите од двојните избори, меѓутоа нивните предвидувања не се остварија во првиот круг. Затоа треба деновиве да рефлектираат и да согледаат каде ги направиле грешките и што може да се поправи. За разлика од нив, Европскиот фронт на чело со ДУИ направија голема работа со тоа што првпат направија голема коалиција со 4-5 партии, како што се субјектите на Зијадин Села, Аријанит Хоџа, Мендух Тачи и Скендер Реџепи Зејд, како и со турската, ромската и бошњачката партија, со што добија голема предност во сооднос 1,5:1 пред вториот круг, вели во разговор за „Локално“, поранешниот кандидат за претседател на државата и екс-министер, Имер Селмани, коментирајќи ги изборните резултати од првиот круг кај партиите од албанскиот блок.

Според него, ова е силна порака и до победникот кај албанскиот блок, но и кај победникот од македонскиот блок, дека треба отсега своите пораки да ги адресираат и артикулираат како ќе се подготват за да направат влада во пост-изборниот период.

-Очигледно е дека разликата за Европскиот фронт не е минорна за да се остави на страна тој факт. Поука до двајцата лидери дека треба да се остави на страна вокабуларот што го видовме последните денови и да се мисли за иднината на државата, оценува Селмани.

На прашањето дали кандидатот Стево Пендаровски, со помош на гласовите од албанските партии, може да поведе во вториот круг, соговорникот вели дека во подалечното минато во 1999 година имавме случај кога беше направен пресврт.

-Тогашниот кандидат, Тито Петковски имаше огромна предност пред покојниот претседател Борис Трајковски, но една грешка на Петковски го чинеше да ги изгуби изборите меѓу двата круга и околу 180-190 илјади гласови завршија на контото на Трајковски. Никој не треба да очекува чуда, но СДСМ и Пендаровски треба да ги направат сите напори и да се борат до крај. Капацитетот на Пендаровски за да може да направи поширока коалиција очигледно треба да дојде до израз во вториот круг и треба да се гледа како шанса. Колку тоа ќе успеаат да го реализираат со СДСМ, се разбира дека не зависи од нив, туку и од расположението на тие кои треба да му дадат поддршка. Тука не се само Европскиот фронт и ВЛЕН, туку огромна бројка гласови доби и Максим Димитриевски, кој изненади позитивно. Ако ги соберете бројките, тоа се над 200 илјади гласови, меѓутоа ништо не е извесно. Во вториот круг се почнува од нула за двајцата кандидати, порачува поранешниот кандидат за шеф на државата.

Со оглед на 360 илјади гласови кои ги освои Силјановска, ВМРО-ДПМНЕ е блиску до создавање на парламентарно мнозинство, без помошта од други партии. Околу можноста водечката опозициска сила за прв пат, да не биде СДСМ, туку албанските политички партии, според бројот на освоени мандати, Селмани вели дека се зависи дали може да ги третирате партиите од албанскиот блок како опозиција.

-Јас не би ги третирал така бидејќи ние немаме систем кој што може да дозволи една партија да формира Влада. Ако ги погледнете бројките, може да се случи двете коалиции кај Албанците да имаат повеќе од СДСМ. Меѓутоа, да соработуваат како една опозиција е неблагодарно да се прогнозира со оглед дека досега немаме најава од ВЛЕН и Европскиот фронт дека би се здружиле заеднички по 8 мај. Имаме само еден „џентлменски договор“ меѓу дека нема да влезат во Влада со партија или коалиција која што нема да ги прифати уставните измени и нема да го продолжи европскиот пат. Ќе видиме во наредните денови како ќе се однесуваат лидерите на двете албански коалиции и што ќе им биде приоритет, заклучува поранешниот министер за здравство.

Коалицијата „ВЛЕН“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави вчера претседателот на „БЕСА“ и градоначалник на Тетово, Биљал Касами. Тој на прес-конференција рече дека биле добитници на изборите, оти како што кажа, ДУИ имале купено гласови од загрозени гласачи кои имале потреби од пари.

Здружената албанска опозиција им се заблагодари на гласачите кои го дадоа гласот за претседателскиот кандидат Арбен Таравари и коалицијата „ВЛЕН“ и велат дека очекуваат на 8-ми мај на парламентарните избори да ја победат ДУИ. На прашањето за кого ќе гласаат во вториот круг од претседателските избори од коалицијата рекоа дека немаат решено, но ќе седнат и ќе разговараат.

Во сите изборни единици каде што доминираат Албанците, односно во Првата, Втората и Шестата, разликата е три-четири илјади гласови, изјави кандидатот за претседател, Арбен Таравари. Прашан, дали ќе даде оставка доколку изгуби од Османи, Таравари рече дека за тоа ќе се разговара во органите на партијата.

Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“, Бујар Османи, откако излегоа првичните бројки за претседателските избори од седиштетот на ДУИ во тетовска Мала Речица, одржа прес-конференција каде беа присутни сите лидери на партиите од коалицијата. Тој изјави дека „Европскиот фронт“ издвојувал длабока победа наспроти албанската опозиција, со над 40 илјади гласа.

„Сакам да се заблагодарам на сите за поддршката за „Европскиот фронт“ и за мојата кандидатура. Ова е заедничка победа и оваа победа само докажува дека „Европскиот фронт“ станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава. Денес Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите докажаа дека тие сами одлучуваат за својата судбина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив. Волјата на народот денеска е јасна и треба да се почитува од сите“, истакна Бујар Османи.

Приврзаниците на ДУИ синоќа на тетовскиот плоштад и на плоштадот „Скендербег“ во Скопје славеа по објавата на првичните резултати од првиот круг од претседателските избори, според кои нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место.

Вицепремиерот и министер за политички систем од редовите на ДУИ, Артан Груби изјави дека е ова спектакуларна победа за коалицијата на „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.

„Славиме победа на Европскиот фронт. Славиме дека ќе победиме со над 20 пратеници на 8-ми мај, на претседателските и парламентарните избори“, рече Груби.

„Ќе славиме ослободување на Чаир, на Тетово, на Гостивар, на Желино и на сите други окупирани општини со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Денеска е ден на ослободување, како што ќе биде и 8-ми мај, ден пред Денот на Европа“, додаде Груби.

Н.П.

Слични содржини