ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Право на глас на вториот круг од претседателските избори имаат 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 избирачи

Скопје/Охрид, 6. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 8-ми мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.

На претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 гласачи. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.

Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи згрижени во установите за вон семејно згрижување, а во Избирачкиот список запишани се и две внатрешно раселени лица.

На парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање запишани се 1.716.664 избирачи, додека во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96 010 избирачи. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

На еден ден пред изборите, на 7-ми мај гласаат болните и изнемоштените чии пријави беа прифатени од општинските изборни комисии, како и затворениците и лицата во притвор чиј што број според посебниот извод во Избирачкиот список изнесува 2.140, како и лицата во установи за вон семејна грижа 534 избирачи и две внатрешно раселени лица.

Гласањето на седмите претседателски избори и единаесеттите парламентарни избори треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државата. На првиот круг од изборите на 24-ти април на 120 избирачки места имаше помалку од десет гласачи кои беа упатени правото на глас да го остварат во најблиското избирачко место.

Во Охрид за гласање се пријавиле 67 болни и изнемоштени лица и оваа бројка е плус од оние 172 лица што беа пријавени за првиот круг од претседателските избори. Овие граѓани своето гласачко право во домашни услови ќе го остварат утре, вторник, 7-ми мај.

За овој изборен циклус променети се локациите на 8 избирачки места на територијата на Општина Охрид:

– ИМ 1271, од МЗ „Билјанини избори“, улица „Мирче Ацев“ број 31, префрлено е во ЈЗУ Општа болница (Модуларна), на улица „Сирма војвода“ број 1.

– ИМ 1260, од приватен објект на улица „Даме Груев“ е префрлено во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид (Гимназија).

– ИМ 1297, од хотел „Бетон“ е префрлено во Основното училиште во селото Долно Коњско.

– ИМ 1281 и 1281/1, се префрлени од приватен објект во населбата „Видобишта“ во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на улица „Живко Чинго“ број 1.

– ИМ 1283 и 1283/1, се префрлени од приватен објект на улицата „Момчило Јорданоски“ во ОУ „Христо Узунов“, на улица „Питу Гули“ број 128.

– ИМ 1267, е префрлено од МЗ „Железничка“ во приватен објект на улица „Железничка“ број 104 А.

Кандидатите за претседател на државата, партиите и коалициите имаат уште пет дена за претставување на своите програми и политички понуди пред граѓаните, во пресрет на двојните избори на 8-ми мај.

Кампањата за претседателските и за парламентарните избори завршува во понеделник, 6 мај, на полноќ. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука