Реди рециклажа како решение за проблемот со селектирањето… и многу повеќе!

Реди рециклажа е Start-up социјално претпријатие кое има за цел да организира и вработува неформални собирачи, истовремено воспоставувајќи систем за примарна селекција на отпадот во домаќинствата и компаниите.

Заради тоа Реди рециклажа има потенцијал да реши неколку значајни прашања кои никогаш не биле решени во нашата држава: правилно селектирање и собирање на отпадот, како и обезбедувајќи им го заслуженото место во општеството на неформалните собирачи.

Но, зошто овие прашања се значајни за нашата држава?

Проблемот со неформалните собирачи во Македонија е комплексен. Од една страна, тие се единствените кои вршат правила селекција на суровините, кои во контејнерите за селекција честопати не се правилно селектирани. 

Тоа е последица на неодговорноста кај граѓаните, но и на недоволната едукација. Во Македонија не се знае точно што, како и каде се селектира и рециклира. 

Од друга страна, неформалните собирачи не се вработени, ниту пријавени, немаат здравствено осигурување, ниту им тече стаж за напорната работа. А што е нивната работа? Да претураат по контејнерите и да го селектираат отпадот кој граѓаните не го селектирале.

Неформалните „собирачиња“ во акција! (Фотографија: Арно)

Во контакт со собирачите честопати добиваме информации за тоа какви суровини се бараат, дека пластичните шишиња не треба да содржат нешто мрсно или штетни хемикалии, дека картоните не треба да имаат остатоци од храна (како картонски кутии од пица) и слично.

Тоа честопати не е споделено и не е доволно прецизирано од официјалните програми за селектирање, па во контејнерите за селекција може да се најде се и сешто, од кесички од чипсови, сметки, салфетки, шишиња од штетни хемикалии, до светилки и слични нешта кои ниедна програма за рециклирање не ги опфаќа. Со тоа се прави повеќе штета отколку корист.

Реди рециклажа се чини дека имаат добар проект, со информативна програма и решаваат две прашања кои се многу битни. Првото прашање е решавањето на статусот на неформалните собирачи, а второто е недостигот од доволно места за селектирање во Скопје.

Во неформалните еколошки групи пред проектот на Реди рециклажа, честопати се поставуваше прашањето што би било кога секоја зграда би имала свој систем на селекција. Реди рециклажа го дава одговорот.

Направивме неформален муабет со нив и добивме интересни и исцрпни одговори за нашите прашања. Им препорачуваме на сите заинтересирани за еколошките прашања, за селектирањето, но и пошироко, за социјалните прашања, правата на малцинствата и човечките права – да го прочитаат, зашто нуди навистина фасцинантен увид во нештата кои честопати ги занемаруваме.

Тимот на Реди Рециклажа со нивните електрични возила (Фото: Фејсбук страница на Реди Рециклажа)

Арно: Како дојдовте до идејата за проектот и колку/како бевте запознаени со проблемите во селектирањето и состојбата на неформалните собирачи?

Реди Рециклажа: Зад идејата за проектот стои вистинска приказна што ми се случи во 2019 г. Учествував во една панел-дискусија со говорници од висок профил, чија тема беа можните решенија за подобрување на економската состојба на ромската заедница. Дискусијата помина добро и ме остави со чувство на зголемен ентузијазам за нашата работа во здружението РЕДИ.

Но, веднаш потоа ми се случи еден своевиден reality check или судир со реалноста – по пат накај дома, возејќи по улиците на о. Шуто Оризари каде што живеам, здогледав една жена со приколка полна со картони и пластика. Жената беше постара и изгледаше како навистина да се мачи – почувстував дека мора да застанам и да ѝ понудам помош. Нејзиниот одговор ме пресече: „Не треба, синко, јас секој ден го правам ова, навикната сум.“ Во тој момент сфатив дека ваквите дискусии и настани се случуваат во еден меур кој не секогаш останува во допир со реалните потреби на заедницата.

Сфатив и дека оваа група граѓани – неформалните собирачи на отпад – се меѓу најмаргинализираните и дека итно им е потребна нашата помош!

Го пренесов своето искуство до раководството во РЕДИ и тие ја примија идејата со отворени раце. Веднаш прејдовме на акција, стапувајќи во контакт со претходни слични иницијативи, со цел да го развиеме концептот поучени од нивните искуства. По долги и исцрпни истражувања за состојбата на терен, дојдовме до социјалниот бизнис модел на РЕДИ Рециклажа и веќе во јуни, 2020 г. претпријатието беше основано со мисија да ги организира и формализира неформалните собирачи на отпад, притоа воспоставувајќи систем за примарна селекција на отпадот кој недостасува во нашиот град.

Неформално собирање отпад (Фото: Арно)

А.: Со вашиот проект на неформалните собирачи како незаштитена група на граѓани им се овозможува вработување и достоинствено вршење на нивната дејност. Тоа беше долгогодишен проблем во Скопје. Дали сметате дека вашиот проект има капацитет да го реши статусот на овие граѓани во целост или реално гледано тоа не е возможно?

Р.Р.: Проектот следи долгорочна стратегија за развој која моментално е во својата прва фаза. Имено, првиот чекор на претпријатието беше стекнување лиценца за собирање неопасен отпад од Министерството за животна средина и поставување канти за селекција на хартија и пластика во станбени и деловни објекти, кои би биле сервисирани од нашите вработени.

Втората фаза предвидува покрај лиценцата за собирање, да се добие и лиценца за складирање и третман на отпадот за да се отворат складишта за отпад каде што ќе се врши понатамошен третман на хартијата и пластиката како секундарни суровини.

Во завршната фаза, предвидено е да се постигне и визијата на РЕДИ Рециклажа односно да се креира рециклажен центар кој што ќе овозможи креирање на над 1500 зелени работни места, колку што е неофицијалниот број на неформални собирачи на отпад во градот. Овие рециклажни центри би требало да ја покријат целата држава, но и да склучат соработка за увоз и извоз на секундарните суровини на регионално, па дури и меѓународно ниво.

Пред оваа стратегија се исправа реалноста, односно системските проблеми на ромската заедница, меѓу кои главен е недоволниот степен на образование што ги оневозможува припадниците на нашата таргет-група да добијат возачки дозволи (за што предуслов е завршено основно образование), а со тоа и формално да ја вршат дејноста собирање на отпад.

Другиот главен предизвик со кој се соочуваме е недоволно развиената свест за важноста на одржливото управување со отпадот на граѓаните, но и нивните претходни лоши искуства со слични иницијативи кои им ја имаат разјадено довербата во вистинско решение за проблемот со отпадот.

Сепак, ова нималку не нè обесхрабрува, туку напротив, само повеќе нè мотивира да навлеземе подлабоко во овие општествени проблеми и да понудиме сеопфатни, наместо половични решенија. Во моментов работиме на развивање на програма за амбасадори на РЕДИ Рециклажа, кои би ни помогнале со едуцирање на граѓаните на терен, а се стремиме да склучиме соработка и со Центарот за образование на возрасни кој би ни помогнал со едуцирање на нашата таргет-група. 

ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТ – КАНЦЕЛАРИЈА ЗА ВРСКА ВО Белгија
REDI Recycling @ Romani Week 2022 година

А.: Колку неформални собирачи се официјално вработени преку вашиот проект? Дали планирате вклучување на други?

Р.Р.: Во моментов нашето претпријатие има вработено 5 неформални собирачи на отпад. Ова, секако, не е ни блиску до нашите планови – планираме бројот на вработени да расте пропорционално со нашето проширување во сите скопски општини и во останатите градови во државата, за што е потребна одлична соработка со институциите.

А.: Со кои општини соработувате и дали сте наишле на пречки во соработката со нив?

Р.Р.: Досега имаме склучено меморандуми за соработка со три скопски општини: Аеродром, Кисела Вода и Карпош. Искуството ни е одлично, а општините се повеќе од спремни да ја поддржат иницијативата со гаражен простор и електрична енергија, потребни за нашите превозни средства – добропознатите електрични трицикли, кои со тек на време треба целосно да ги заменат импровизираните приколки на неформалните собирачи.

Не наидуваме на никакви посериозни пречки во соработката, освен можеби одредени застои во административните процеси кои се очекувани и лесно совладливи.

Во процес на преговори сме и со о. Центар, о. Бутел, о. Гази Баба и о. Битола, о. Куманово и веруваме дека наскоро ќе склучиме соработка и со нив.

Извор: Фејсбук страница на Реди Рециклажа

А.: Колку згради вкупно опфаќа засега вашиот проект и дали сте наишле на отпор?

Р.Р.: Нашата мрежа покрива повеќе од 250 згради во наведените скопски општини. Интересот за бесплатната услуга за собирање е огромен, но честопати се јавува и отпор причинет од недоволно познавање на процесот на селекција, поради што кантите се преполнуваат со секаков вид отпад и почнуваат да шират лош мирис, а ова, секако, им пречи на станарите, па бараат повлекување на кантите.

А.: Во Скопје постојат многу проблеми поврзани со отпадот (нелегални депонии, увезување штетен отпад, неправилно постапување со отпадот…). Дел од нив се решаваат (а некои повторно се враќаат). Има ли Реди рециклажа став во врска со овие прашања?

Р.Р.: Нашиот став е дека отпадот е ресурс. Наместо да се третира како проблем, треба да се погледне како неискористен потенцијал. Селекцијата на отпадот во домаќинствата е првиот чекор во таа насока.

Кога граѓаните би имале функционална инфраструктура за селекција на располагање, количините отпад на легалните и нелегалните депонии би се намалиле, а рециклажните центри во државата не би имале потреба да увезуваат отпад од странство, туку би го третирале отпадот што се собира во домаќинствата кај нас.

Потребна е само солидна едукација на граѓаните и цврста меѓусекторска соработка. 

Едно од електричните возила на Реди во акција! (Фото: Арно)

А.: Селектирањето и рециклирањето се исто така недоволно разјаснети теми кај нас. Колку според вас се селектира правилно и кои се проблемите со кои се соочуваме како град и земја во истото?

Р.Р.: Точно, селектирањето и рециклирањето како термини често се користат наизменично, иако се однесуваат на сосем различни процеси во третманот на отпад. Како што веќе споменав, селекцијата е првиот чекор за правилен третман на отпадот и подразбира издвојување на материјалите што се рециклираат од останатиот отпад. Тука спаѓа и електронскиот отпад и отпадот од храна, за кои моментално не сме лиценцирани, како и неопасниот амбалажен отпад од хартија и пластика со кој работиме.

Рециклирањето е крајниот чекор во процесот, кога овие видови отпад се претвораат во секундарни суровини од кои може да се произведат нови производи, со помош на машини и стручни лица. Значи, рециклажата е работа на професионалците од областа, но да селектира може секој.

Процесот на селекција подразбира дека, пред да се одложи, пластиката треба да се исплакне за да се деконтаминира, и да се смачка за рационално да се искористи просторот во кантите. Хартијата, од друга страна, бара помалку работа – доволно е да се превитка и да се отстрани муницијата од захевтаните документи.

За жал, граѓаните сè уште ги немаат развиено овие навики, па често добиваме неправилно селектиран отпад кој мора да подложи на дополнителна селекција од наша страна.

Другиот проблем е што локалните складишта за отпад имаат ограничен капацитет – работат претежно со два вида пластика, PET (шишиња за пијалаци) и HDPE (шишиња за сапуни и шампони), па граѓаните често се збунети зошто не можат да ја одложат и останатата пластика во нашите канти.

Потребно е дополнително да се развијат индустриските капацитети во земјава, но и да се склучи соработка со рециклажните центри од регионот кои веќе обработуваат поширок спектар на пластични материјали.

Извор: Фејсбук страница на Реди Рециклажа

А.: Колку се според вас неформалните собирачи значајни во процесот на селекција?

Р.Р.: Неформалните собирачи со децении се клучните играчи во третманот на отпадот – впрочем, целиот товар за селекција досега паѓал на нивниот грб, без да им биде укажано никакво официјално признание за нивната општествено-корисна работа.

Токму затоа сметаме дека перцепцијата за нив треба што поскоро да се промени – наместо да се доживуваат како „ѓубретари“, тие се нашите „зелени агенти“ кои даваат исклучителен придонес во заштитата на животната средина.

А.: Дали сте имале некои проблеми во соработката со неформалните собирачи, заедниците на станари или другите „играчи“ во вашиот проект?

Р.Р.: Соработката со неформалните собирачи е отежната затоа што тие не се навикнати да работат во системот, во точно утврдено работно време, следејќи прецизни процедури и правила, па потребен им е период на адаптација. Понатаму, придобивките од формалното вработување не им се секогаш јасни, па пензиското и здравственото осигурување им се чинат помалку важни од парите што ги добиваат на рака како дел од сивата економија. Конечно, тука се и системските проблеми поврзани со степенот на образование и возачките дозволи на неформалните собирачи, кои во моментов се пречка за нивно вклучување во работата на РЕДИ Рециклажа.

Од друга страна, заедниците на станари не успеваат секогаш да се координираат меѓусебно, па добиваме контрадикторни барања – едни станари сакаат да се повлечат кантите, додека други бараат да се постават уште.

Сепак, главниот проблем е неправилната селекција на отпадот која влијае врз количината на собраните секундарни суровини, од која, пак, директно зависи нашиот приход, а со тоа и можноста да отвориме нови работни места. 

Извор: Фејсбук страница на Реди Рециклажа

А.: Според нас вашиот проект е успешен и инспиративен од аспект на решавање на повеќе проблеми кои постоеле во селектирањето кај нас многу години. Која е вашата крајна мисија и цел?

Р.Р.: Крајната мисија на РЕДИ Рециклажа е:

функционална инфраструктура за селекција на амбалажниот отпад во институциите, претпријатијата и домаќинствата на територијата на целата држава, која најпрво ќе им понуди работни места на неформалните собирачи на отпад – нашите „зелени агенти“ – за тие конечно да бидат признати од системот според својата реална заслуга.

А.: Што би им порачале на граѓаните во врска со селектирањето или можеби дополнете нешто што сме пропуштиле?

Р.Р.: Граѓаните се свесни за климатската криза со која се соочуваме како планета, но и за проблемот со отпадот кој со години наназад го загадува воздухот во Скопје.

Сега, ние им нудиме можност да го преземат својот дел од одговорноста и да придонесат кон решавање на овие горливи прашања без да ја напуштат удобноста на својот дом, истовремено обезбедувајќи приход за најранливите семејства во градот.

Во овие тешки времиња на безбедносна, економска и енергетска криза, солидарноста ни е потребна повеќе од било кога.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *