НАСТАВНИЧКА ОД ДЕЛЧЕВО ПЛАЧЕЈЌИ КАЖА ДЕКА МИСЛЕЛА УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ БЕГААТ ОД НЕА ОТИ Е ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, НО ТИЕ КАКО РОЈ ПЧЕЛИ СЕ СОБРАЛЕ ОКОЛУ НЕА ЗА ПОДДРШКА

    НАСТАВНИЧКА ОД ДЕЛЧЕВО ПЛАЧЕЈЌИ КАЖА ДЕКА МИСЛЕЛА УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ БЕГААТ ОД НЕА ОТИ Е ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, НО ТИЕ КАКО РОЈ ПЧЕЛИ СЕ СОБРАЛЕ ОКОЛУ НЕА ЗА ПОДДРШКАНаставничката била жртва на долгогодишно малтретирање од сопругот-алкохоличар, а сега откако кажала и се спасила од него, е една од најголемите активистки на терен за спас на жените и децата жртви на насилство (Фото:СДК.МК)

    Наставничката Маријана Стоименовска од ОУ „Ванчо Прке“ од Делчево, која 20 години била тепана и психички малтретирана од сопругот, денеска во претставништвото на ЕУ во Скопје емотивно зборуваше за тешкиот живот кој на моменти едвај го преживеала, за силата што ѝ ја давале учениците сите овие години и за нејзината помош на жени – жртви на насилство која сега им ја пружа. Секако и на девојки, споделувајќи потресна приказна за сексуално злоставувана ученичка од нејзиниот очув, која Стоименовска во поддршка со невладини организации ја однела на лекар со обилно крварење, ѝ помогнале да преброди и оздраве, за на крајот да стане супер-одлична ученичка, на која ѝ дале стипендија за студирање.

    Таа и во видео каде со уште неколку жени зборуваат што се преживеале додека било вршено тешко насилство врз нив во семејството, кажува дека нејзиниот проблем бил што немала каде да оди. Смета дека тоа е основната причина што жртвите остануваат да трпат ќотек и ментално насилство со години.

    „Да се донесе закон – не жената да го напушти домот, туку насилникот. Тогаш ќе се охрабрат жените и ќе зборат за насилството што го трпат дома“, рече наставничката и класна раководителка.

    Желбата нејзина е жртвите на физичко, психичко, економско насилство, да не молчат и да кажат што им се случува. Но не само тоа, туку и задолжително да пријават во полиција и во центрите за социјална работа.

    „Секое кажување, макар и на минувач на улица, на сосед, во училиштето како што направив јас, е симнување на тежина од срцето на жртвата“, апелира Стоименовска која сега е една од најистакнатите активистки за заштита на жените и децата жртви на насилство во Делчево и регионот околу градот.

    Оваа наставничка емотивно зборуваше колку се плашела дека повеќе нема да биде класна, бидејќи сметала оти кога открила во училиштето во какво страшно насилство живее од сопругот алкохоличар, ниеден родител нема да сака таква жена да му биде класна.

    Но, кога плачела пред директорот, мислејќи дека сите ученици ќе ја избегнуваат, директорот ѝ кажал:

    „Маријана не плачи, ти имаш најмногу деца во класот“.

    На завршната конференција на проектот: „Пристап до правда за маргинализирани заедници“ денеска во зградата на ЕУ, која стои зад овој значаен проект, зборуваше и адвокатката Наташа Бошкова која застапува жртви на насилство и припадници на маргинализирани групи пред домашното судство и во Стразбур.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира