Гоце Делчев – 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер

Ѓорѓи Николов Делчев, попознат помеѓу народот како Гоце Делчев е роден во градот Кукуш, на 4 февруари 1872 а починал во селото Баница на 4 мај 1903. Тој е еден од главните македонски национални херои кој земал учество во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација (МРО) и срцето на револуционерна Македонија. Делчев е идеолог за независтност и живел во времето на поробена Македонија, која се наоѓала под управувањето на Османлиското Царство. Тој е организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование од 1879 до 1887, во Солун во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ раководел со таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште помеѓу 1891–1894. Се вратил во Македонија во 1894, а во Штип бил учител во градската населба Ново Село.

Делчев бил длабоко посветен на тајната револуционерна организација, и задолжен за функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар).

На крајот од септември жестоко го осудил Горноџумајското востание. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.

Вечното почивалиште на Делчев


По херојската смрт, телото на Гоце Делчев, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, кој што бил и соученик на Делчев од Военото училиште во Софија, била дадена наредба тоа да се однесе во серската општина и таму да се погребе. Но, од Солун била испратена заповед телото да се врати назад во с. Баница и таму да биде погребан Гоце Делчев. Така, Гоце заедно со соборецот Гуштанов е погребан покрај цркавата во с. Баница.

Три години подоцна во 1906 година, моштите на Гоце Делчев се ископани од неговиот соборец, Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во с. Баница. Чаков е човекот кој најмногу е заслужен моштите на Гоце Делчев да се сочуваат до ден денес.

-Во 1917 година, Чаков самоиницијативно, ги пренесува моштите во Софија и ги чува во својата куќа. На 2 август 1923 година, на денот на формирањето на Илинденската органзација во Софија, со достојна почит, од куќата на Чаков, е изнесен дрвениот саркофаг со моштите на Делчев и е предаден на Илинденската организација на чување. Моштите се ставени во специјално резбан саркофаг од ореово дрво во крушовиден облик. На предната страна, саркофагот имало изрезбана мртовечка глава и вкрстени коски. Над нив имаше закована метална плоча, на која беше испишан следниот текст:

„Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“.

Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, се до октомври 1946 година. Во мај 1946 година, започнале преговорите помеѓу Илинденската организација и Градскиот народен фронт во Скопје за пренесување на моштите во македонската престолнина. Во јули истата година, Илинденската организација во Софија позитивно одговорила на барањето и моштите се пренесени во црквата Св. Спас во Скопје, каде и денес се наоѓаат.