МЗТ блесна против „децата“ на Мега – втора радост во Аеродром во АБА-лигата

МЗТ Скопје ја забележа и втората победа сезонава во АБА-лигата, откако на домашен терен го совлада тимот на Мега со убедливи 94-82. Младиот и полетен состав на Мега беше целосно неутрализиран во второто полувреме, кое мина апсолутно во знакот на аеродромци. Избраниците на тренерот Петровиќ слично како и при првиот триумф над Студентски Центар, во вторите 30 минути се адаптираа целосно на играта на противникот, знаеја како да ги искористат слабостите во таборот на Мега и стигнаа до зслужена победа. Колективната игра беше главна одлика на аеродромци, ако се знае дека дури седум кошаркари стигнаа до двоцифрен број на поени.

Мега со леснотија го наоѓаше патот до кошот на МЗТ Скопје во раната фаза од мечот. Центарот Бранковиќ делуваше доминантно под обрачите, но „металците“ благодарение на ефикасниот напад не дозволија гостинскиот состав посериозно да се одлепи. Пред крајот на четвртината во серија поени влезе Ајви, кој донесе пресврт, па по десет минути игра резултатот гласеше 25-21 за македонскиот првак. Мега на стартот од втората четвртина поведе со 27-31, но по тајмаутот на Петровиќ тимот на МЗТ се врати во посакуваниот ритам, по што до крајот на полувремето се играше максимално израмнето, на одмор заминувајќи со минимално водство од 40-38.

Третиот дел од мечот беше оној во кој МЗТ Скопје делуваше најдоминантно, откако избраниците на Петровиќ успеаја резултатски да се одлепат и да поведат со 49-40. По тајмаутот на гостинскиот тренер Мега намали на 49-47, но Дамјан Стојановски и Бурсач постигнаа по две тројки до крајот на четвртината, па МЗТ влезе во последните десет минути со предност од 68-61. Аеродромци на стартот од четвртата четвртина стигнаа и до двоцирено водство кога Кефи положи за 73-63, но јасно беше дека Мега нема да се предаде. Гостите од Србија по најновиот тајмаут ја преполовија негативата, но МЗТ имаше одговор, македонскиот првак перфектно ја одигра завршницата, повторно се одлепи за двоцифрено водство (со тројката на Кефи за 85-73) и на крајот заслужено славеше со убедливи 94-82.

Ајви беше најефикасен со 15 поени, еден помалку постигна Кефи, Војдан Стојановски реализираше 12, а 11 поени останаа запишани зад имињата на Бурсач и на Дамјан Стојановски, додека Крстевски и Миќовиќ го завршија мечот со по десет поени.

МЗТ Скопје во следното коло ќе му гостува на тимот на Игокеа, по што ќе следи натпревар на домашен терен против Борац Чачак.

Се вчитува...