Се пошумуваше Глишички Рид 

26

Во организација на Општина Кавадарци, денеска се пошумуваше Глишички Рид, во близина на Кавадарци. Оваа е една од локациите каде што, шеста година по ред, ќе се садат садници на ерозивни подрачја.

– Пролетва ќе бидат посадени околу 2,5 илјади садници. Овој пат посадуваме багрем – изјавија од Општина Кавадарци. 

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, рече дека последниве години, во Општина Кавадарци е обновена целата постојна јавна зелена површина, но е подигната и нова, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130 000 квадратни метри.

– По цели 60 години, со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е градскиот парк „Љупчо Шкартов“. Кавадарчани добија и нов парк – „Киро Крстев“, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и со зеленило. Во Паркот на револуцијата, пак, никна нов Дендро парк, богат со многу видови растенија. Исто така, и локалитетот Дванаесет ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден – наведе Јанчев.

Инаку, три години се пошумуваше на Журов Дол во селото Ваташа. Во изминативе три години, таму беа посадени 40.000 садници чемпрес и багрем.

– Изминативе две години и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички Рид, каде што досега беа посадени 15 000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници багрем, а за наесен се планира помасовно садење на 5.000 садници – истакна Јанчев.