Ветинг на правосудството

“Independence of the Judiciary means independence from Executive and Legislature, but not independence from accountability”

“Независноста на судството подразбира независност од извршната и законодавната власт, но не и независност од одговорност“

Andrew Jackson

Интересно е, особено во политичкиот дискурс, кога слушаме поими кои одекнуваат со силен авторитет и итност, а не знаеме што значат. Пример „Ветинг“ или „Ветинг на правосудството“ е еден од тие поими кој и кај нас и во други европски држави може да се најде во политичките говори, програми, акциски планови, каде се користи како ветување за зајакнување на владеењето на правото и обезбедување на интегритетот на правосудството. Нешто во смисла Make the Judiciary Great Again.

Сепак, во јавноста постои значителна конфузија за поимот и природата на процесот кој се вика „Ветинг“ и јавноста не е крива за тоа, само предлагачите би требало да го објаснат што точно вклучува овој процес и дали е воопшто легитимен? Ако малку ги анализираме пораките за ветинг на правосудството, ќе забележиме дека најчесто, ветингот се разбира и доживува како лустрација, која враќа болни спомени, или пак како мешање во независноста на судската власт, уште полошо. Меѓутоа, заеднички именител во сите пораки за ветинг е безкомпромисна борба со корупцијата во правосудството и токму тој дел е единствениот точен дел во однос на ветинг процесите.

Овде ќе се задржиме на демистификацијата на овој процес – онолку колку што ни дозволува колумната, па ќе завршиме со сумирање на препораки за домашните институции. Меѓутоа, сакам да нагласам дека колумната ја пишувам по повод објавувањето на новата публикација „Guidelines on Judicial Vetting” на CEELI Институтот од Прага, прва публикација во Европа, во која заедно со тим од 33 судии од Источна и Југоисточна Европа го анализиравме овој нов феномен и направивме step by step Прирачник кој го дефинира ветингот, ги дефинира видовите на ветинг и како да се изведи овој процес процедурално коректно. Прирачникот ќе биде преведен на македонски и албански јазик и ќе биде презентиран пред домашна јавност во текот на оваа година. Меѓутоа, ајде да се вратиме на најбитното.

Поимот „Ветинг“ просто значи „проверка“ и како таков отј не постои во меѓународните правни документи кои ја регулираат независноста, транспарентноста и одгворноста на судиите или јавните обвнители. Ветинг е релативно нов концепт, кој се појави како вонреден, привремен антикорупциски инструмент за да се обезбеди интегритет и одговорност на судиите и обвинителите и, индиректно, на правосудството. Сепак, тој е широко признат како клучен механизам во земјите кои се соочуваат со системска корупција во судството. Дури и самиот термин е амбивалентен кој во правната литература и пракса почнува да се јавува од 2012 година со реформата на судството во Албанија и Кенија. Системот за ветинг е learn as we go. Праксата за ветингот е жива материја и се создава од страна на Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права и консултативните совети на судиите и јавните обвинители (ССЈЕ) и (CCEP) при Советот на Европа. Резултатите од сите ветинг процеси до сега, овој процес го дефинираат како вонредна, еднократна, временски-ограничена и целна анти-корупциска мерка која има за цел да ги отсрани (збор употребен од Венецијанската комисија) корумпираните актери во правосудството и во само-регулирачките правосудни органи, односно судските совети и советите на јавните обвинители.

Тука, мора да внимаваме да не го поистоветуваме ветингот со редовните механизми за одговорноста на судиите и јавните обвнители за регуларна евалуација на нивната работата како: пријавување на имот, безбедносни проверки и слични миханизми кои се во надлежност на судските совети или советите на јавните обвинители. Исто така, ова нема врска со пристап до безбедносни сертификати на судиите или обвинителите. Ветингот е вонреден и ultima ratio процес, во кој специјализирана комисија составена од домашни и странски судии и стручњаци прави проверка на интегритот, финансиската одговорност, стручноста (зависи од типот на ветинг) на судиите, обвинителите, членовите или кандидатите за членови на судските совети и советите на јавните обвинители. Ветингот ги користи истите механизми како редовна евалуација, малку ги проширува во опсег на времетраење, но разликата лежи во вонредната и поригорозна природа на ветингот како процес.

Ветинг не е лустрација. Иако овие процеси делат некои сличности, тие се целсно различни во нивните цели, резултати, процедури, историски контексти и правна рамка. Лустрацијата претставуваше еден вид на контроверзен и комплексен процес на тразициска правда во посткомунистичките држави со цел идентифицирање и отстранување од јавна функција, поединци кои соработувале со безбедносните служби и кои биле вклучени во нарушување на човековите права за време на претходниот режим. За спроедба ветинг е анти-корупциска мерка во демократско општество, која служи за идентификација и отстранување на корумпираните актери само во правосудството врз основа на транспарентен и јавен процес кој вклучува „чешлање“ на квалификациите, финансиите, етичките стандарди, безбедносните цертификати и интегритот на судиите и јавните обвинители.

Кога се користи ветинг? Сите извештаи на Венецијанската комиисја и праксата на Судот во Стразбур во предметите од Албанија, укажуваат дека пред да се пристапи кон ветинг, проблемите со корупцијата во правосудството мора да се решат со постоечките механизми, односно со агилен однос на самоуправните тела (Судските совети и советите на јавните обвинители). Ако тоа не успее тогаш се оди на ветинг и се избира соодветниот тип на ветинг. Праксата од Молдавија, Албанија и Украина покажува дека ветинг се препорачува исто така кога јавната доверба во правосудството е многу ниска поради високата корупција во правосудството. Мерливи индикатори за тоа се најчесто извештаите на Европската комисија и Стејт Департментот во однос на состојбите во правосудството. Соодветно на степенот на корупцијата, може да се предложи предветинг (pre-vetting) безбедносен ветинг (Security Vetting) и целосен ветинг (Full-fledged Vetting). Меѓутоа важен индикатор е и политичката волја за ветинг. Мора да постои политички консензус за да се пристапи кон овој процес.

Постојат три видови на ветинг. Поделбата на различните видови на ветинг е направена од мислењата на Венецијанската комисија за различни држави врз основа на потребата која треба да се адресира. Првиот вид е предветинг или pre-vetting што претставува процес на прочистување на самоуправните органи односно судските совети и советите на јавните обвинители. Предветингoт започнува со чистење на столбовите на правосудството односно судските совети и советите на јавните обивнители. Крајната цел е овозможување на непречно извршување на функцијата како самоуправни органи, преку отстранување на корумпираните актери. Овој вид на ветинг бара уставни измени доколку се прави филтрација на веќе избрани членови на овие совети, или само законски измени кога се прави филтрација на кандидати за ченови во овие совети. Филтрацијата се прави од страна на ад-хок Комисијата за ветинг составена од домашни и странски стручњаци и реномирани практичари, што подготвува извештај за секој кандидат, а по жалбите одлучува Врховниот суд во панел од три судии. Сепак праксата во Молдавија е интересна, каде во постапка по жалба на извештаите од Комисијата за ветинг, Врховниот суд ги уважи сите жалби и другиот ден сите судии од Врховниот суд поднесоа оставки.

Вториот вид на ветинг е „Безбедносен ветинг“ или Securty Vetting, кој е специфичен процес во кој безбедносните служби вршат финансиски и безбедосни проверки на судиите и обвинителите преку преглед на криминални досиеја, финансиска историја и потенцијални контакти со странски безбедносни служби, меѓу другото. Безбедносниот ветинг е исто вонредна, но репетабилна мерка што се прави на секои 5 години преку специјализирани прашалници на безбедносните служби кои имаат посебни овластувања во собирањето информации за актуелните судии и обвинители, како и од поединци кои се стремат кон судски позиции. За спроведување на процесот не се потребни уставни измени; туку бара измени на постојните закони за судовите и судскиот совет и совет на јавени обвинители. Обидите за воспоставување на ваков вид на ветинг беа прогласени за неуставни во Хрватска и Словачка, каде уставните судови силно укажаа на нарушување на принципот на поделба на власта, повреда на правото на приватност и неисполнувањето на критериумите за правична постапка право на жалба. Во Хрватска, предлог-законот за измена на законот на судовите вклучуваше и дисциплинска постапка за судии и обвинители кои би одбиле да се вклучат во ваков вид на ветинг, што е спротивно на членот 6 од Конвенцијата за човекови права.

Конечно, третиот вид на ветинг е целосен ветинг (Full-Fledged Vtting) по примерот на Албанија и сега Молдавија. Целосен ветинг е исклучок од многу уставни начела кои ја дефинират и штитат судиската независност, особено начелото на неподвижност на судската функција. Затоа овој вид на ветинг бара задолжителни привремени измени на уставот. Со овој вид на ветинг се врши реевалуација и вонредна филтрација на сите судии и обвинители на сите актуелни судии и обвинители од врвот па надолу, врз основа на финансиска историја, нивниот имот, потекло на имот (вклучувајќи ги и врските со организираниот криминал) и секако професионалната компетентност. Венецијанската комисија укажува дека за ваков вид на ветинг, потребно е да постојат алармантни нивоа на корупција во правосудството и итната потреба за борба против корупцијата, како што беше укажано во Албанија и сега во Молдавија.

Ветинг процесите се во согласност со стандардите на Судот во Стразбур. За референца, најпознати случаи се Џоџај против Албанија и Бесник Цани против Албанија, во кои Судот во Стразбур упатува дека ветингот ќе се смета легитимен доколку предложената мерка е неопходна во демократско општество; има легитимна цел, односно борба против корупцијата во правосудството, која на ниту еден друг начин не може да биде адресирана; се имплементира од посебни паритетни тела основани со закон, врз основа на јавни и јасно прецизирани и дефинирани критериуми и доколку постои посебно тело и жалбена постапка, вклучително и жалба до Европскиот суд за човековите права.

Сакам да сумирам дека ветингот е вонредна, еднократна, временски – ограничена антикорупциска мерка која има за цел да ги отсрани корумпираните актери во правосудството. За него треба политичка кохезија, односно да биде подржан од сите политички субјекти во Собранието, односно сите субјекти да се залагаат за судска незавинсот. За да има ветинг, потребно е постоење на алармантни нивоа на висока корупција во правосудството кои не можат да се решат со постоечките механизми за спречуавање на корупцијата; да постојат блокирани самоуправни тела односно Судски совет и Совет на јавни обвинители и секако мора да биде предложен како мерка или одстрана на националните власти или од Венецијанската комисија, Европската комисија во нивните извештаи.

Се ова звучи супер на теоретски начин. Лесно и изведливо е, фантастично. Но реално и практично, долг и исцрпувачки е овој процес. Процесот ќе ги врати реформите во судството назад се до времето на осамостојувањето. Ветингот не тргнува со зајакнување на судиската независност, туку тргнува со претпоставка за недовербата према судиите и обвинителите, бидејќи товарот на докажување е кај нив, не кај државата. Друга работа која е исто така битна, ако одиме на ветинг, треба да имаме и на ум дека повеќето судии и обвинители со интегритет и чесност си ја извршуваат својата функција и какви импликации овој процес би имал и врз нивното достоинство и професионалност.

Со ветинг сите јаболка би се ставиле во иста кошница. Мислам дека постојните проблеми би можеле да се адресираат со постоечките механизми за одговорност на судии и јавни обвинители, без да се оди на ветинг, само со поагилен и проактивен однос на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и секако со транспаретност и целосна соработка на невладиниот сектор. Моментално има таков проект на Европската унија во Северна Македонија кој има за цел на зајакнување на капацитетите на Судскиот совет. Тие проекти се клучни за стабилизирање на работите во правосудството. Исто така многу проекти се имплементирани за независност на правосудството, а и многу судии имаат поминато обуки и тренинзи за спречување на негативни внатрешни и надворешни влијанија во правосудството, што би било „грев“ целиот тој труд околу реформите да падне во вода. Доколку се одлучиме за ветинг, тогаш овие упатства од CEELI институтот во Прага, нека ни бидат водилка за процесна коректност.

Андреј Божиновски

Асистент-докторанд на Правниот факултет во Загреб

 

 

 

Back to top button
Close