Цените на нафтата пораснаа, доларот нагло падна


 

Азиските берзи денеска пораснаа трет ден по ред, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од вчерашните добивки на Волстрит, откако повеќето американски компании објавија заработка подобра од очекуваната.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, во 7:00 часот порасна за 1,5 отсто, трет ден по ред.

Истовремено, на токиската берза индексот Никеи зајакна за 2,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонг Конг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,2 и 1,9 отсто.

Азиските берзи пораснаа трет ден по ред благодарение на смирувањето на тензиите на Блискиот Исток, како и на продолжувањето на растот на цените на акциите на Волстрит втор ден по ред.

Вчера, имено, индексот Дау Џонс зајакна за 0,7 отсто, S&P 500 за околу 1,2 отсто, а индексот Насдак за 1,6 отсто. Индексот порасна втор ден по ред благодарение на подобрите од очекуваните деловни резултати на повеќето американски компании.

Така, на пример, по објавувањето на резултатите, цената на акцијата на Џенерал Моторс скокна за повеќе од 4 отсто. По затворањето на Волстрит, цената на акцијата на Тесла скокна за повеќе од 10 отсто во продолженото тргување.

Додуша, деловните резултати на компанијата се нешто послаби од очекувањата, но компанијата најави производство на нови, поевтини модели на електрични возила и преструктуирање, односно отпуштање на неколку илјади работници.

Во наредните денови во фокусот на инвеститорите ќе бидат деловните извештаи на компаниите како Мета платформи, Алфабет и Мајкрософт.

Во петок, пак, ќе биде објавен извештај за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарот. Неодамна, се очекуваше ФЕД агресивно да ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни.

Сепак, се појасно е дека централната банка нема да брза со намалување на каматните стапки бидејќи пазарот на трудот е сè уште силен, економијата расте, а инфлацијата и понатаму е висока.

Затоа, се повеќе се шпекулира дека процесот на намалување на каматните стапки би можел да започне дури наесен.

Доларот нагло падна, цената на нафтата порасна

На девизните пазари, пак, вредноста на доларот во однос на кошницата валути нагло падна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово се движи околу 105,60 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 106,09 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 154,75 на 154,85 ​​јени.

Со оглед на тоа што доларот лебди на највисоките нивоа во последните 34 години, јапонските власти се закануваат дека ќе интервенираат за да спречат натамошно слабеење на јенот.

Сепак, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0710 долари, додека вчера во овој момент беше 1,0655 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,03 отсто, на 88,45 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,07 отсто, на 83,40 долари.