Според прелиминарните податоци, 40 лица загинале, а повеќе од 100 се повредени во терористичкиот напад во Крокус Сити Хол во московската област, јавуваат руските медиуми повикувајќи се на центарот за односи со јавноста на ФСБ (Федералната служба за безбедност).

Како резултат на терористичкиот напад во комплексот Крокус Сити Хол во моментов има 40 мртви и повеќе од 100 повредени, соопштила ФСБ.

Меѓу жртвите има деца, пристигнуваат вознемирувачки снимки

Според локалните медиуми хоспитализирани се најмалку 21 лице, а четворица се во тешка состојба.

Неидентификувани маскирани вооружени лица отворија оган во концертна сала во Красногорск, територија во непосредна близина на главниот град Москва.

Нападот се случил во Крокус Сити Хол во Красногорск, административниот центар на московската област, за време на концерт на кој, како што претходно изјави анонимен очевидец, настапувале голем број деца и тинејџери. Тие учествувале на натпревар во сала за танцување кога почнало пукањето. Присуствувале и нивните родители.

На натпреварот беа деца и тинејџери. Дојдоа луѓе и рекоа дека има пукање. Следеше метеж. Децата трчаа во нивната гардероба за настап, рекол очевидецот, пренесува Би Би Си повикувајќи се на руската агенција РИА.

Се шири голем пожар на местото на настанот

Гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов, изрази сочувство до семејствата на жртвите. Тој информира дека лекарите продолжуваат да им пружаат помош на сите настрадани.

Лекарите состојбата на мнозинството ја оценуваат како умерена, а петмина се во тешка состојба, рече тој.

На терен се и два противпожарни хеликоптери.

Главната задача сега е да се изгасне пожарот. Се шири на голема површина, информира Воробјов.

Одговорноста за нападот ја презеде ИСИС

Терористичката група Исламска држава (ИСИС) ја презеде одговорноста за нападот во Русија, се вели во кратката изјава објавена од новинската агенција Амак, поврзана со ИСИС, на Телеграм.

Како што јави Си-Ен-Ен, ИСИС не обезбеди докази за да го потврди тврдењето.

Во исто време, руски медиуми ја пренесоа истата информација, додавајќи дека во прашање се барани лица од Ингушетија.

ЕУ и САД го осудија нападот

Европската Унија е шокирана и згрозена од извештаите за терористичкиот напад во Крокус Сити Хол во Москва, напиша на Х портпаролот за надворешни работи на Унијата Петер Стано на Х.

ЕУ ги осудува сите напади врз цивили. Нашите мисли се со сите засегнати руски граѓани, додаде тој.

Американската амбасада во Москва издаде соопштение во кое вели дека е „шокирана“ од нападот и изразува „искрено сочувство“ до рускиот народ.

Амбасадата ги советува американските граѓани да ја избегнуваат областа каде што се случи нападот.

Забранети масовни јавни собири во Москва

Руското Министерство за култура соопшти дека сите забавни и масовни настани се откажани низ целата земја.

Претходно беа откажани сите масовни настани во Москва по пукањето во Крокус Сити Хол.

Нападот беше извршен пред самиот почеток на концертот на рускиот рок бенд „Пикник“.

Рускиот рок бенд на Инстаграм објави дека се „живи и безбедни“, јави Би-Би-Си.

– Се случи трагедија, чии размери се уште не можеме да ги процениме. Ги следиме вестите и чекаме официјални информации. Музичарите и менаџментот се живи и безбедни, се вели во нивното соопштение.

Г.М.
Фото: MИA/X