Во Конче, Василево и Радовиш ќе потече зелена енергија 

90

Со изградба на систем од фотонапонски централи на покривите на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш со капацитет од 430 киловати и софтверски дигитален систем, општините Конче, Василево и Радовиш ќе имаат снабдување со електрична енергија.

Директорот на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, вели дека проектот ќе таргетира нови софтверски решенија во делот на искористување и производство на електрична енергија од алтернативни извори на енергија и заштита на животната средина, како и ефикасно следење и пренасочување на произведената енергија таму каде што во определен момент е потребна.

– Верувам дека со овој проект во центарот на вниманието на трите општини ќе биде токму зелената енергија, со што ќе се придонесе во намалувањето на трошоците на општините, а со тоа ќе им овозможи на општините тие средства кои досега ги трошеа на енергетски и струја да ги употребат за реализација на други прокети, кои се од витално значење за граѓаните, истакна директорот Камчев.

Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов, подвлече дека овој проект е еден од најиздржаните, кој го финансира ова министерство.

– Овој проект беше оценет како иновативен и корисен, кој има за цел да обезбеди електрична енергија на јавните објекти во општините Радовиш, Василево и Конче преку користење на обновливи извори на енергија. Во таа смисла за поздравување е секоја иницијатива која доаѓа за обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност на општините преку сопствено производство на електрична енергија – рече Парталов.

Градоначалниците на Радовиш, Василево и Конче, Ацо Ристов, Славе Андонов и Златко Ристов истакнаа дека со овој проект и трите општини добиваат многу и дека заложбите на нивните општини да бидат енергетски ефикасни се реализираат. Од произведената електрична енергија 50 отсто ќе добива Радовиш, а Конче и Василево по 25 отсто.