Говорот на омраза не доликува на една сериозна партија, а ниту на социјалдемократската, порача Силјановска Давкова од Прилеп

од Nikola Popovski

Ако нема креирање политики, тогаш нема да има ни реализирани програми. Ако се грабаат ресурсите нема да дојдат на вистинското место и затоа стигна оценката од Фридом Хаус – цикличено-хибриден режим, вака порача синоќа кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова на митингот во Прилеп.

Силјановска се осврна и на недоличниот коментар кон неа, искажан од граѓанин на митингот во Куманово, каде што беше искажана поддршка за претседателот и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски.

-Ние правниците велиме дека има дела со чинење и нечинење. Молкот кога се случуваше тој настан многу зборува и не знам дали можам да го окарактеризирам тоа, ама таков говор на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, а ниту на социјалдемократска партија.

За мене возраста како во антиката значи мудрост, значи знаење, искуство, а мислам дека многу успешни претседатели имале бела коса и биле успешни. Не плашете се за мене, јас сум добро и физички и психички. Орна сум за дебата ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, најавуваат и никако да се појават таму каде што ни е местото, пред одговорни новинари, изјавила професорката.

Силјановска Давкова нагласила дека „проблемот е на тие што не сакаат претседателот на Македонија да го избираат граѓаните, туку тоа да го прави парламентот“. Мора, додаде, да има народни канцеларии преку кои претседателот ќе ги слушне проблемите на граѓаните и нивните сугестии. Претседателот има важна обврска и во креирањето на независното судство преку Судскиот совет. Околу претседателот мора да има совет за млади.

-Кога одите во втор мандат, ако сте успешни треба да кажете дека се што сте ветиле, сте оствариле. Ама, ако немате отчет, а немаат ниту една страница да пополнат со отчетот, мислам дека е јасно дека не работеле на потребите на граѓаните и затоа се делегитимирани, рекла меѓу другото претседателската кандидатка.

Пред два дена, поддржувач на Пендаровски на микрофон пред присутните искажа навреди кон Силјановска Давкова кои се однесуваат на нејзината возраст.

-Од баба небеса не бива. Ако сакате да имате држава и претседател, ова е човекот, изјави еден од присутните граѓани на митингот во Куманово.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека на изнесените сексистички навреди кон Силјановска Давкова никој не реагирал. Во меѓувреме осуда пристигна од портпаролката на СДСМ и дел од изборниот штаб на Пендаровски, Богданка Кузеска.

-Коментарот е недоличен, навредлив и го осудувам. Ниту претседателот Пендаровски ниту јас не го поддржуваме коментарот, додаде Кузеска.

Слични содржини