
Цената на златото, кое се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, претпладнево достигна ново рекордно ниво – 3.111 долари за унца.
Поради неизвесноста на финансиските пазари, цената на златото порасна за повеќе од 18 отсто од почетокот на годината и е на пат за најголемиот квартален скок од 1986 година.
На девизните пазари, пак, благо падна вредноста на доларот во однос на кошничката валути. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, претпладнево се движи околу 103,88 поени, додека во петокот на затворањето на тргувањето беше 104,01 поен.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 149,90 на 149,10 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0835 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0827 долари.
Цените на нафтата, пак, изгубија дел од минатонеделните добивки. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево падна за 0,31 отсто, на 73,40 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,49 отсто, на 69,05 долари.