НовостиПравдаСветот на работникот

КОИ ВРАБОТЕНИ НАЈМНОГУ СЕ ЖАЛАТ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА? „88 % се од јавниот сектор“

   Време за читање 2 минути

Подготвил: Бобан Илијевски

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во областа на работните односи, има утврдено дискриминација врз основа на лично својство, општествен статус и врз основа на политичко уверување, велат од КСЗД во одговорот на Барањето за информации од јавен карактер на редакцијата на порталот Работник.

Претставки до КСЗД најмногу поднеле вработени од јавниот сектор

Од Комисијата велат дека најголем број од поднесените претставки во областа на работните односи се поднесени од вработени во јавниот сектор (177 претставки или 88 %). Истите се поднесени против правните лица, односно против раководните лица на правното лице или други вработени во правното лице.

Понатаму, велат дека Комисијата досега има утврдено дискриминација во вкупно 35 случаи – 32 во јавниот и 3 во приватниот сектор. Утврдените случаи на дискриминација се врз основа на:

  • Директна дискриминација во 16 случаи;
  • Директна продолжена дискриминација во 3 случаи;
  • Директна дискриминација и вознемирување во 1 случај;
  • Директна и продолжена дискриминација, вознемирување на работно место и виктимизација во 1 случај,
  • Директна и индиректна дискриминација во 3 случаи;
  • Вознемирување во 8 случаи;
  • Индиректна дискриминација во 1 случај и
  • Индиректна продолжена дискриминација во 1 случај.

Досега КСЗД има примено 201 претставки

Заклучно со 12 мај, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има примено вкупно 201 претставки во кои како област на потенцијална дискриминација се селектирани работните односи. Од нив во 178 претставки подносителите конкретно ја посочиле оваа област, додека во 23, селектирале повеќе области, меѓу нив и работните односи.

Како најчести основи на дискриминација ги пријавиле:

  • Лично својство и општествен статус во 48 претставки;
  • Политичко уверување во 42 претставки;
  • Национална и етничка припадност во 39 претставки;
  • Образование во 28 претставки;
  • Пол во 13 претставки и
  • Возраст во 13 претставки.

Од Комисијата информираат дека поднесени се претставки за заштита од дискриминација во областа на работните односи и врз други 14 основи:

  • Род (7 претставки),
  • Социјално потекло (7 претставки),
  • Друго уверување (7 претставки),
  • Јазик (5 претставки),
  • Здравствена состојба (5 претставки),
  • Религија или верско уверување (4 претставки),
  • Попреченост (4 претставки),
  • Семејна или брачна состојба (4 претставки),
  • Родов идентитет (3 претставки),
  • Државјанство (3 претставки),
  • Потекло (2 претставки),
  • Имотен статус (2 претставки)
  • Раса (1 претставка) и
  • Припадност на маргинализирана група (1 претставка).

„Во 43 претставки подносителите сметале дека се дискриминирани врз две или повеќе основи на дискриминација“, велат од КСЗД.

Фото: Canva

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси