Артан Груби уште сега побара оставки од лидерите на албанската опозиција


Артан Груби со куфер пред општината Чаир

 

Артан Груби од ДУИ на денешната прес-конференција пред Општина Чаир се појави со куфер. Тој со стихови од рап песна објасни дека куферот е за албанската опозиција од која побара да ги депонираат оставките.

„Песната вели дека им ја разбираме позицијата во која што се ден денес. Актуелниот и формален градоначалник Изет Меџити, како и неговиот нотар кој е овластен потписник Висар Ганиу и му ги потпишува неговите одлуки кој тој ги носи, ‘им ја знаеме позицијата, но мора да ја види топ листата’“. А, на топ листата број еден се луѓево што се тука и граѓаните на Чаир. И затоа нека си го земе куферчето, мало е затоа што толкави му се работите, нека се отпакува и да си замине и да ја ослободи окупираната Општина Чаир“, рече Груби.

Според него, „тие треба да го одржат својот збор кој го кажаа јавно дека нотаризирале изјави за оставка во случај на пораз со само еден глас, а изгубија со 40 илјади гласови кои ќе станат 80 илјади гласови на 8 мај, затоа што граѓаните не сакаат изолација, не сакаат слуги на Мицкоски и на Апасиев, туку сакаат да  бидат претставувани од силна партија и силна коалиција која е европски ориентирана“, рече Груби.

Скендер Реџепи-Зејд од коалицијата „Европски фронт“ нагласи дека денеска се пред Општина Чаир и посочи дека наредните денови ќе одат и во другите четири општини кои се менаџираат од коалицијата „Вреди “ за да побараат оставка.