Куп на Азија: Прво, историско финале за Јордан

Јордан се пласира во финалето на Купот на Азија во фудбал што се одржува во Катар, по изненадувачката победа во полуфиналето над фаворитот Јужна Кореја со 2:0.

За Јордан ова е прво финале во историјата. Претходно никогаш не стигнал подалеку од четвртфиналето на ова натпреварување.

Во саботното финале Јордан ќе се сретне со подобриот од денешното второ полуфинале меѓу домаќинот на турнирот и бранител на титулата, Катар или Иран.

Товарот за поразот на Корејците ќе треба да го понесе селекторот, Германецот Јирген Клинсман, кој беше назначен на функцијата пред една година, но не е многу популарен кај корејските навивачи.

По мечот Клинсман изјави дека ја прифаќа одговорноста за елиминацијата на Јужна Кореја, и дека не понудил оставка.

– Сите сме разочарани. Наша цел беше да играме во финалето, но Јордан ја заслужи победата. Играа поагресивно и ја добиваа речиси секоја битка еден на еден. Не планирам ништо, ќе го анализирам турнирот, ќе се вратам во Кореја со тимот и ќе разговарам со федерацијата за тоа што беше добро, а што не, додаде Клинсман.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО