Со солзи во очите, еден од најдобрите дефанзивци рече дека е доста со играње во Европа

Во последните 15-тина години, Тијаго Силва докажа дека е еден од најдобрите централни дефанзивци на денешницата и еден од клучните играчи во сите екипи каде што настапувал. Сепак, полека дојде времето за Силва да се повлече од светската фудбалска сцена. Бразилецот ќе наполни 40 години во септември, а следнот месец и официјално ќе му каже збогум на европскиот фудбал.

Актуелниот договор на Силва со Челзи истекува на крајот од сезоната и тој нема да биде продолжен. Се очекува кариерата да ја продолжи за уште една сезона, и тоа во тимот на бразилскиот Флуминесе, а потоа да замине во играчка пензија.

Со многу емоции, Силва се прости од Челзи и соиграчите.

„Челзи многу ми значи. Дојдов тука со намера да останам една година, но останав четири. Не само за мене, туку и за моето семејство ова е прекрасно место. Мојот син игра за Челзи. Чест е да се биде дел од ова семејство на Челзи. Се надевам дека мојот син ќе ја продолжи кариерата тука. Мислам дека во сите овие четири години постојано го давав најдоброто од себе, но, за жал, сè има почеток и крај. За мене ова не е крај. Се надевам дека вратата тука ми е отворена и дека во блиска иднина би можел да се вратам во клубот во некоја друга улога. Оваа љубов не се опишува. Можам само да кажам благодарам. Им благодарам на сите“, рече Силва во дел од обраќањето кое му беше проследено со многу емоции и солзи во очите.

Силва во кариерата освои над 30 трофеи. Најголем дел од тие пехари беа додека играше за ПСЖ, а со Челзи во 2021 година триумфираше во Лигата на шампионите. Во дресот на бразилската репрезентација има 113 настапи.

- Оглас -

Најнови вести