2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајбогатите руси станаа уште побогати, првиот меѓу нив Вагит Алекперов има 28...

Најбогатите руси станаа уште побогати, првиот меѓу нив Вагит Алекперов има 28 милијарди долари

Ни војната не им може ништо: Најбогатите Руси станаа уште побогати, судејќи според податоците за руските милијардери што ги објави Форбс, а ги објави хрватскиот портал Индекс.

Минатата година најбогатите граѓани на Руската Федерација го зголемија своето богатство за 72 милијарди долари, вкупно „тешко“ 577 милијарди. Најбогат меѓу нив е Вагит Алекперов.

Богатството на поранешниот прв човек на Лукоил, Алекперов, се зголеми од 20,5 милијарди долари на 28,6 милијарди долари во 2023 година. Алекперов, кој сега е 59. најбогат човек во светот, го презеде првото место на руската „топ листа“ од сега седморангираниот Андреј Мелниченко, кој се збогати со вештачко ѓубриво и чија вредност од 25,2 милијарди долари падна на 21,1 милијарди долари.

Леонид Микелсон, шефот на рускиот производител на природен гас Новатек, се најде на второто место на листата на Форбс. Неговото богатство порасна за 5,8 милијарди долари на вкупно 27,4 милијарди долари.

Економскиот магазин неодамна објави дека во светот има 2.781 милијардери и дека најголем дел од богатството го држат првите 20 на листата. „Тие се побогати од кога било, вредни вкупно 14,2 трилиони долари, што е зголемување за два трилиони долари во споредба со 2023 година“, објави Форбс.

Ова списание го процени вкупното богатство на руските милијардери на 606 милијарди долари во 2021 година пред војната меѓу Руската Федерација и Украина.

Многу руски милијардери станаа мета на западните санкции додека Западот се обиде да го казни претседателот на Руската Федерација Владимир Путин и неговите блиски соработници поради војната во Украина. Нивното комбинирано богатство падна на 353 милијарди долари во 2022 година, но – само две години подоцна – очигледно се врати.

Путин постојано се фали дека западните санкции не успеале да ја уништат руската економија и истакна дека руската економија се проширила побрзо минатата година (со раст на БДП од 3,6 проценти) од која било од земјите на Г7 кои се во голема мера одговорни за санкциите.

Навистина, руската економија нагло закрепна по падот во 2022 година, но растот се потпира на државно финансирано производство на оружје и муниција за војната во Украина, прикривајќи ги проблемите што го спречуваат подобрувањето на животниот стандард.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува БДП на Русија да порасне за 2,6 отсто оваа година, но предвидува лоша прогноза за економијата во иднина поради одливот на луѓе и недостапноста на технологијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП