Циципас не може без драма во Мелбурн, но сега е со среќен крај за прво финале на Отвореното првенство на Австралија (Видео)

Стефанос Циципас е прв финалист на Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн по победата против Карен Качанов со 3:1 во сетови.

Грчкиот тенисер имаше сè во свои раце за максимална победа, но повторно покажа слабост и му подари сет на ривалот во ситуација кога имаше предност од 5:3 во гемови во третиот сет за победа од 3:0.

Претходно ги доби првите два сета со 7:6 (2) и 6:4 и кога се очекуваше да го приведе мечот кон чиста победа без загубен сет, потклекна.

Качанов направи голем пресврт во третиот сет, спаси две меч-топки и во тај-брејк со 8:6 во поени намали на 1:2 во сетови.

Циципас имал неколку вакви ситуации во кариерата, а особено се памети финалето во Париз, на Ролан Гарос во 2021 година.

Тогаш имаше предност од 2:0 против Новак Ѓоковиќ, но загуби со 2:3 и не успеа да ја освои првата гренслем-титула.

Сега пак е можно да има исто финале, но во Мелбурн, ако Ѓоковиќ од 9.30 часот го победи Томи Пол во второто полуфинале.

Циципас со победата против Качанов си го разби и малерот на Отвореното првенство на Австралија, каде што досега трипати играше полуфинале и секогаш беше елиминиран, па денеска во четвртиот обид успеа да стигне до меч за титулата.

 

- Оглас -

Најнови вести