Набавката на гас за февруари ќе биде поевтина за 17,26 евра за мегават-час

ЕСМ – Продажба и за февруари ќе набавува природен гас од „Балкан јутилитис“ откако, како што велат од АД ЕСМ, од двете пристигнати понуди на јавниот повик, поповолна цена дала бугарската фирма. На повикот, домашниот дистрибутер „Макпетрол“ не доставил понуда, бидејќи оттаму сметаат дека се фаворизира една компанија. Понудата на „Балкан јутилитис“ била 98,71 евра за мегават- час, а фирмата „Актаел“ со нешто повисока понуда од 99,83 евра за мегават-час. За споредба, АД ЕСМ потпиша договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за овој, тековниов месец, по цена од 115,97 евра за мегават-час, а понудата на „Макпетрол“ изнесуваше 116,20 евра за мегават-час. Ова значи дека за февруари, АД ЕСМ ќе плати поевтин природен гас за 17,26 евра за мегават-час

41

ЕСМ – Продажба и за февруари ќе набавува природен гас од „Балкан јутилитис“ откако, како што велат од АД ЕСМ, од двете пристигнати понуди на јавниот повик, поповолна цена дала бугарската фирма. На повикот, домашниот дистрибутер „Макпетрол“ не доставил понуда, бидејќи оттаму сметаат дека се фаворизира една компанија.

Понудата на „Балкан јутилитис“ била 98,71 евра за мегават-час, а фирмата „Актаел“ со нешто повисока понуда од 99,83 евра за мегават-час.

– Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергенсот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Го потенцираме овој факт со цел да се избегнат евентуални шпекулации кои би произлегле од цената на гасот на берзите во моментов, но во берзанската цена не се вкалкулирани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Со понудувачот кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака – соопштија од АД ЕСМ.

За споредба, АД ЕСМ потпиша договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за овој, тековниов месец, по цена од 115,97 евра за мегават-час, а понудата на „Макпетрол“ изнесуваше 116,20 евра за мегават-час. Ова значи дека за февруари, АД ЕСМ ќе плати поевтин природен гас за 17,26 евра за мегават-час, со што се потврди фактот дека цената на овој енергенс на светските берзи е во опаѓање.

Во јавниот повик за набавка на природен гас за периодот 1.-31.1.2023 година и 1.-30.4.2023 година, спроведен во декември 2022 година, од страна на ЕСМ – Продажба беа наведени задолжителните услови за секој понудувач, а тоа се обезбедени количини, квалитет, фиксна цена и банкова/корпоративна гаранција.

– Фиксната цена е задолжителен услов од причина што ЕСМ – Продажба треба да има обезбеден буџет, да може да ја прифати понудата, да има пресметка за плаќање на природниот гас, кој го плаќа однапред и да го испорача до другите потрошувачи што ќе го купат од ЕСМ – Продажба, со маржа не поголема од 1 отсто – истакнаа тогаш од ЕСМ.

Од „Макпетрол“ реагираа на така прецизираните услови и истакнаа дека цената на гасот во наредните месеци ќе биде во опаѓање и оттука државата ќе загуби многу пари. Тие, преку соопштение, појаснија зошто нема да учествуваат на јавните повици.

– Не сакаме да бидеме параван во тендери за гас што фаворизираат една компанија. Пресметките за јануарската набавка објавена од ЕСМ – Продажба покажуваат дека севкупната понуда на „Макпетрол“ во моментот на поднесување беше пониска од онаа на компанијата што беше избрана за победник на тендерот. Единствената разлика беше што нивната цена беше фиксна, но дури и како таква, таа не донесе никаква придобивка. Напротив, како резултат на движењата на светските берзи, за количините потребни за јануари, ЕСМ – Продажба можеше да плати над милион евра помалку доколку се придржуваше до основните пазарни услови на функционирање, односно ако цената на гасот беше променлива и директно поврзана со цената на берзите – се вели во соопштението од „Макпетрол“.

Дополнително, ЕСМ – Продажба во јавноста сподели информација дека доставила покана за повикот за февруари до сите компании во Македонија што можат да испорачаат гас, но до денес, таква покана не е пристигната до „Макпетрол“.

Што се однесува до редовните потрошувачи на „Макпетрол“, снабдувањето ќе продолжи непречено како и досега. За февруари, за нив ќе биде обезбеден гас по цена пониска за најмалку 30 проценти споредено со онаа во јануари.

(С.Бл.)