Бугарско МНР: Понижувачки и неприфатлив однос на македонските власти кон бугарските граѓани

Во периодот по 1991 година, Бугарија постојано демонстрираше искрена желба за развивање добрососедски односи со Македонија, реагираат од бугарското МНР на денешните случувања во врска со чествувањето на Гоце Делчев. 

По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, се воспостави практика за заедничко славење на историските личности од нашата заедничка историја, како што е Георги (Гоце) Николов Делчев, несомнено.

За жал, прославата на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надградување на билатералните односи меѓу Софија и Скопје. Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 година ќе замине во историјата како датум на кој властите во Македонија од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените уверувања не дозволија да се оддаде почит кон делото и животот на Делчев од бугарски државјани. МНР денешниот однос на властите во Македонија го дефинира како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и Бугарија.

Ваквите акции ги оценуваме како неисполнување на заложбата да се обезбеди непречен пристап до сите добронамерни граѓани кои сакаат да му оддадат почит на споменот на големиот револуционер. Ова, заедно со неподготвеноста да положат венци од страна на делегациите на Бугарија и Македонија, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги нагризува напорите на Република Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството.

Денешните постапки на властите во Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во тешка ситуација иницираше процес на деескалација и на вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој токму за оваа цел го посети Скопје на 30 јануари годинава, како и неговата денешна посета.

Досегашните информации со кои располага МНР се дека на граничните премини од македонска страна бугарски државјани со часови не биле пропуштани на територијата на Македонија поради проблеми од техничка природа. Потоа, дел од бугарските државјани добиле службено одбивање да влезат на територијата на нашата соседна земја, а други се вратија поради долгочасовното чекање. Меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари против кои се употребени основи на „загрозување на јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Македонија“. Има извештаи за насилство од страна на македонските гранични власти. Во исто време, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи големината на бугарската официјална делегација за време на нивната посета во црквата Св. Спас“.

Министерот за надворешни работи оствари разговор со македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси, со барање за интервенција и враќање на слободата на движење. Истото прашање во Скопје повеќепати го поставуваше и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Уште еднаш утврдивме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставници на властите во Македонија не соодветствуваат со состојбата на терен. Овој пристап во никој случај не помага за водење конструктивен и добронамерен дијалог.

Во врска со објавите во медиумите за приведени бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обрати до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако таквите информации требаше веднаш да бидат испратени од властите во Македонија. Се очекува да им се суди по брза постапка. Министерството за надворешни работи апелира до засегнатите бугарски државјани, кои добиле писмено одбивање да влезат на територијата на Македонија, да ја достават оваа информација до Министерството за да се преземат неопходните активности по дипломатски пат и да се известат нашите меѓународни партнери.

Потсетуваме дека слободното движење на луѓето е еден од главните принципи на функционирањето на ЕУ. Дополнително, тоа е конкретна мерка за зајакнување на добрососедските односи. Доколку е потребно, Бугарија е подготвена да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот премин.

За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради потребната доверба, пријателство и соработка, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Саем на книга од 18 до 24 април - фелоушип програма, програми за деца и над 30 промоции

 Со повеќе од 30 промотивни настани, од 18 до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 36. издание на Саемот на книга. 

Слоганот е „Приказна се чита“, чија што цел е да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем на денешниот брифинг со новинарите, најави дека саемот ќе биде отворен за посетители во 10 часот, а во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура, со оглед на тоа што Министерството за култура е покровител, а Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата.

-Седум дена ќе бидат отворени вратите за читателите на годинашниот Саемна книга. Како еден од новите изложувачи кој што е најавен и ќе биде присутен е Гете Институтот и амбасадорката на Република Сојузна Германија, која исто така ќе присуствува на официјалниот дел на отворањето. Програмата е богата, рече Глигоровска.

Оваа година, како што рече, Саемот на книга има и општествено одговорна компонента. Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април - Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје - средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy - изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

- Се обидуваме фокусот на младите, кој што е ориентиран на социјалните мрежи, да го насочиме кон вистинското читање и на тој начин да го доближиме Саемот на книга до помладата популација. Затоа, овој слоган претставува еден вид спојување на социјалните медиуми и фокусот кон вистинското читање и вистинските книги, додаде Глигоровска.

Претседателот на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ), Бојан Саздов на денешниот брифинг информираше дека годинава во рамки на Саемот на книга е додадена и професионална програма, Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми.

-Идејата беше Саемот да добие една поинаква димензија и преку отворен конкурс, кој беше проследен до сите регионални и европски издавачи и асоциации, да бидат поканети професионалци од областа, кои ќе дојдат во нашата држава и ќе се запознаат со современите текови во нашата книжевност, со нашето издаваштво, да се вмрежат подобро, да се запознаат со издавачите, со цел и со намера да имаме и подобар пласман на нашата книжевност во странство, рече Саздов.

Оваа година, како што најави, ќе дојдат пет гости - книжевен агент од Франција, но и претставници од Словенија, Грција, БиХ и од Црна Гора.

-Сите гости ќе пристигнат на 17 април, а ќе бидат тука до 20 април. Централниот настан ќе биде на Саемот, при што ќе има една панел дискусија на тема, на која што ќе бидат поканети и овие гости. Се надеваме Саемот да добие и професионална димензија во иднина, рече Саздов.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

-И оваа година имаме богата програма на настани, промоции и дружби со автори кои ќе се случуваат во промотивниот центар како главна бина, во текот на шест саемски денови. Последниот ден нема да има промоции. Ќе се случат околу 30 настани, меѓу кои и доделување на наградите од Асоцијацијата на издавачи и секако фелоушип програмата, рече оперативниот директор на Саемот на книга Сања Кондарко.

Таа напомена дека во рамки на програмата, фокусот нема да биде ставен само на продажба на книгите, туку и на доближување на авторите, дружба, интеракција со читателите.

- Годинава фокусот ќе биде на детската програма. Ќе има посебен дел детска програма, со маскоти, што ќе се одржува во викенд деновите на Саемот. Учениците и оваа година ги очекуваме во голем број, додаде Кондарко.

Работното време на Саемот на книга ќе биде од 10 до 20 часот.

Локалната власт на Белград ќе донира по 20.000 динари за секој ученик

 Вршителот на должност градоначалник на Белград, Александар Шапиќ најави дека родителите на учениците во основно и средно училиште ќе добијат по 20.000 динари (околу 170 евра), средства наменети за купување на учебници.

Градот Белград минатата година набави комплети учебници за сите ученици во основно и средно училиште.

- Одлучивме оваа година наместо учебници за основците и средношколци, што првпат го воведовме минатата година, да одиме чекор понатаму и да обезбедиме по 20.000 динари по дете, посочи Шапиќ.

Тој посочи дека сумата за помош на родителите е 15 проценти поголема од максималната вредност на комплет учебници.

Над 70 жртви во поплавите во Пакистан и Авганистан

Најмалку 39 лица го загубија животот во силното невреме што го погоди југозападниот дел на Пакистан.

Силни поплави се забележани и во соседен Авганистан, каде животот го загубија 33 лица, а стотици куќи беа оштетени, соопштија авганистанските власти.

Најпогодена е пакистанската провинција Пенџаб, каде од петокот до неделата загинаа дури 21 лице од удари од гром.

Поплавите кои следеа го прекинаа снабдувањето со електрична енергија и транспортот, а поплавени беа и бројни земјоделски површини.

Некои од загинатите се земјоделци кои за време на невремето се нашле на полињата, јави Би-Би-Си.

Во наредните денови не се очекува стабилизирање на времето, па пакистанските власти предупредија на можност од лизгање на земјиштето и нови поплави.

Неколку провинции, исто така, прогласија вонредна состојба, а многу училишта беа затворени до средината на неделата.

Во последните години, Пакистан бележи зголемување на екстремните временски појави предизвикани од климатските промени.

притисни ентер