Италијанскиот министер за одбрана: Мораме да вложиме повеќе напори за да преговараме со Путин

од Vladimir Zorba

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека економските санкции наметнати на Русија пропаднале и го повика Западот да вложи повеќе напори за да преговара за дипломатско решение со претседателот Владимир Путин со цел да се стави крај на војната во Украина.

Гвидо Крозето за весникот „Ил Месаџеро“ изјави дека Западот погрешно верувал дека санкциите може да ја запрат руската агресија и го прецениле нивното економско влијание во светот.

„Единствениот начин да се реши таа криза е сите да бидат вклучени, прво за прекин на огнот, а потоа за мир“, рече Крозето.

На забелешката на новинарот дека Путин не покажал волја за преговори, Крозето одговори дека „тоа е добра можност да се обидеме повеќе“.

„Не смееме да пропуштиме ниту еден дипломатски пат, колку и да е тесен“, посочи тој.

Крозето, сепак, ја бранеше одлуката на Италија да продолжи да испраќа оружје во Украина со цел „да се обезбеди време и услови за постигнување прекин на огнот и мир“.

Тој исто така предупреди дека, во случај Русија да го окупира Киев, „тоа неизбежно ќе доведе до конфликт со други земји кои нема да прифатат руски тенкови да се наоѓаат на нивните граници“.

Тој ја нарече минатогодишната украинска контраофанзива грешка со оглед на воената супериорност на Русија и рече дека лично го предупредил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека таа е осудена на неуспех, „но тој не бил слушан“.

Италија во моментов претседава со групата Г7.

Слични содржини