1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрагата по стан под кирија често трае подолго од година

Тагесшау | ЕМФ
26 април 2024

Секој втор потстанар во Германија е во потрага по стан подолго од една година, покажува нова студија. Високите станарини и недоволниот број станови им го прават животот тежок на многумина.

https://p.dw.com/p/4fDRP
Станарините се зголемуваат со години
Станарините се зголемуваат со годиниФотографија: Victor Weitz/DW

Повеќе од половината (54,4 проценти) потстанари во Германија се во потрага по нов дом подолго од една година, покажа студијата на интернет платформата ImmoScout24. Вкупниот број на барања се зголемува низ цела Германија, а со тоа се зголемува и конкуренцијата. Тоа значи, се намалуваат шансите на барателите на дом под кирија да го најдат она што ги исполнува нивните очекувања во однос на локацијата, големината и цената.

Како што покажува истражувањето на онлајн платформата, спроведено меѓу 1.183 луѓе, 22,7 отсто од нив потрошиле дури и над две години во потрага по нов дом. Околу 64 отсто се уверени дека оваа година ќе ја најдат вистинската недвижност. Добри 16 проценти од оние кои би сакале да се преселат оваа година немаат надеж дека тоа ќе се случи. „Конкретно, кириите растат со години, што значи дека новиот стан секогаш е поврзан со зголемени трошоци.“

Пребарување на порталите за домување не е доволно

Со оглед на ваквите бројки, Мелани Вебер-Мориц, директорка на Германското здружение на потстанари, во изјава за tagesschau.de упатува барање за подостапни станови. Тоа, според неа, може да се постигне само со соодветна поддршка. Таа се осврнува и на воведувањето на нова непрофитност во сферата на домување, договорена од страна на владеачката коалиција. „Голем непрофитен сектор за домување е гаранција за трајно економски исплатливо домување, поради што се залагаме за имплементација на договорот“, вели Вебер-Мориц.

германија станарина кирија
Повеќе од половината (54,4 проценти) потстанари во Германија се во потрага по нов дом подолго од една годинаФотографија: Sebastian Rau/photothek.de/IMAGO

Со оглед на тензичната ситуација на пазарот на станови, Германското здружение на потстанари советува оние кои се во потрага по стан да не се потпираат само на официјални портали за пребарување станови или огласи, туку да се распрашуваат и кај колегите, пријателите и фамилиите. Многу станови се издаваат без „официјални“ огласи.

Од друга страна, првиот контакт со потенцијалниот издавач на станот, управник на објект или агент за недвижности е како интервју за работа. „Треба да се настапи соодветно и да се биде соодветно облечен“, препорачуваат од Здружението на потстанари.

И една претходна анкета на ImmoScout24 исто така го нагласува тоа. Личниот впечаток, како што се вели, е најважен за сопствениците кога прават избор од големиот број на апликации за станови.

Германија: Купување стан - за младите речиси недостижно