Имам нешто да те прашам

Методија Столески: Во Новата година сакајте се и не заборавајте да го негувате македонскиот фолклор и традиција (Фото-Видео)

Тој е еден од помладите македонски фолк пејачи на македонската музичка сцена. Симпатичен, талентиран и пред се упорен во она што го сака и го работи. Денот не му поминува без добра и квалитетна македонска песна, а за себе и своите најсакани посакува многу здрави среќа и успех. Новата година ќе ја дочека работно, а во иднина освен со пеењето сака да се проба и како композитор и аранжер.

Почитувани, во серијалот новогодишни интервјуа на Музика24, денес наш гостин младиот и познат македонски фолк пејач Методија Столески.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Методија Столески: Секогаш се стремам годината да ја паметам по убавите нешта покрај лошите, и оваа година ќе ја паметам по многуте настапи на фестивалите, песните испеани, празниците кои ги одбележавме со песна па и успешната сезона на свадбени веселби.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Методија Столески: Несебично ќе кажам дека голем впечаток ми остави песната „Пела“ од мојот почитуван колега Дарко Билбиловски испеана на „Лешочки Фолк Фест 2023“ и мислам дека заслужува да си најде место низ многубројните македонски хитови.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Методија Столески: Најчесто за новогодишните празници сум зафатен со настапи, но секако има простор за шетање, украсување, поминување време со најблиските и уживање во текот на зимскиот период.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Методија Столески: Кога се работи за новогодишен подарок, тоа би биле некои новогодишни украси и многу чоколади.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Методија Столески: Мене ме прави среќна личност тоа кога моите најблиски се сите здрави живи на број, а се останатото е помалку битно. На нашите најблиски невозможно е да им се оддолжиме за тоа што го направиле за нас, но секогаш се трудам на моите да ги радувам пред се со песна а потоа и со подароци и убави комплименти.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Методија Столески: Јас сметам дека Господ си ги реди работите како што треба да бидат јас не би сменил ништо, од грешките треба да учиме и да ја видиме добрата страна затоа што се си има своја причина.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Методија Столески: Што и да правам секогаш го правам тоа со музика, дали ќе запеам дали само ќе слушам зависи од ситуацијата. Иако некогаш презаситен од музика од честите настапи, но денот не поминува без убава македонска песна. Ќе спомнам еден стих кој е добро познат за сите нас “Солзи сами капат прости ми, тешки се ко твојте планини”.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Методија Столески: За ова прашање ќе им се обратам на помалите дечиња да се радуваат на Дедо Мраз и посакувам на сите дечиња да им подари многу бомбони и чоколатчиња.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Методија Столески: Се надевам дека во Новата 2024-та година ќе чекориме уште подобро на професионален план, се спремаат многу проекти, песни, спотови, телевизиски гостувања и многу фестивали. А на приватно поле само да си останеме во добро здравје и добра енергија.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Методија Столески: Најверојатно тоа ќе биде работно во некој хотел или ресторан заедно со групата со која настапувам.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Методија Столески: Моите желби се да чекорам успешно во кариерата, да ја зачувам и обновам македонската песна и во иднина покрај пеењето да станам можеби еден добар македонски композитор и аранжер.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Методија Столески: Нека Новата година ви биде исполнета со многу љубов здравје и среќа, почитувајте се, сакајте се и не заборавајте да го негувате македонскиот фолклор и традиција, слушајте македонска музика и читајте го нашиот единствен музички портал, Музика24!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: