Силно снежно невреме зафати дел од Балканот

0
163

Снежно невреме во неделата го погоди источниот дел на Балканот, па Србија, Бугарија и Романија се соочија со проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.

Снежните врнежи предизвикаа бројни проблеми во сообраќајот, снабдувањето со електрична енергија и комуникациите во повеќе области во Србија, а пожарникарите мораа да интервенираат за да ги евакуираат патниците во локалниот транспорт.

Пожарникарите евакуирале дваесет патници од завеан автобус на релација Врање – Крива Феја во јужна Србија, а две лица се спасени од снежните наноси во областа Ивањица во западна Србија.

Обилниот и влажен снег, заедно со силните налети на ветерот, ја урна далноводната мрежа на подрачјето на Ивањица и Шврљиг, а сообраќајот е во прекин на многу локални патишта во ридско-планинските делови на Србија, кои беа погодени покрај снежната бура.

Во западна Србија во моментов без струја се повеќе од 2.000 домаќинства, а вработените во електродистрибутивната компанија се на терен и се обидуваат да ги отстранат дефектите, јави Радио-телевизија на Србија.

Состојбата се стабилизираше во неделата во текот на попладневните часови.

Во Бугарија повеќе од 1.000 места се исклучени од електричната мрежа, а на многу места е запрен патниот и железничкиот, а на некои и воздушниот сообраќај, пренесоа агенциите.

Поради вонредните временски услови, бугарскиот премиер Николај Денков свика вонреден владин состанок. Состојбата е особено загрижувачка на североистокот на земјата, а без струја остана и дел од населението во Софија.

Во многу делови од земјата врнежите од снег се придружени со силни налети на ветер, па владата прогласи вонредна состојба во повеќе региони.

извор: 4news.mk