Анализи

Зелената агенда на маргините во кампањите

Животната средина присутна во изборните програми, отсутна од митинзите и од медиумските настапи

Палета мерки за загадениот воздух, интензивно пошумување насекаде, решавање на горливото прашање со депониите, олеснувања за електрични возила, зелени субвенции за енергетски ефикасни домаќинства и јавни објекти и струја од обновливи извори.

Овие се клучните ветувања од областа на животната средина на партиите што имаат најголеми шанси да влезат во Собранието, според резултатите на своите кандидати во првиот круг од претседателските избори.

Секоја од партиите нуди некакви решенија, неретко површни, но ретко која програма објаснува како ќе го оствари тоа.

Иако мнозинството партии ги препознаваат еколошките проблеми и во своите програми детално ги опишуваат своите визии за почиста животна средина, зелените теми речиси и да ги нема во пораките од митинзите и во медиумските настапи.

Загадувањето како клучен проблем

Воздухот што го дишеме сè уште најголем проблем | Фото: Роберт Атанасовски

Програмите на партиите предвидуваат серија директни и индиректни мерки за почист воздух | Фото: Роберт Атанасовски

Поголемите политички субјекти, во програмите го нотираат аерозагадувањето како проблем и нудат повеќе решенија, кои директно или индиректно влијаат врз квалитетот на воздухот.

СДСМ планира со пари од претпристапната помош од ЕУ да набави екоавтобуси за главниот град и да ги замени системите за греење во околу 70 јавни објекти во Скопје, Битола, Куманово и во Тетово, кои со години важат за најзагадени градови.

Фотографија од Водно на Роберт Атансовски од период во годината кога загадувањето е највидливо.

Скопје секоја зима е под дебела покривка од смог и магла | Фото: Роберт Атанасовски

И ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ги замени системите за греење, ама во нивната програма се предвидува енергетска транзиција на дури 600 јавни објекти што користат мазут и цврсти горива. Партијата најавува даночни ослободувања при купување електрични возила и преполовување на цената на регистрацијата и на патарините за ваквите возила, како и полначи на секоја бензинска.

Партијата предводена од Христијан Мицкоски се обврзува да го намали количеството прав што се крева при ископот на јаглен и производството на струја во РЕК „Битола“ преку реконструкција на филтрите до 2028 година.

За да го адресира аерозагадувањето, Левица најавува зголемување на урбани зелени површини и мораториум на изградба на високи објекти во подножјето на скопско Водно за да има непречен продор на планински воздух.

А ДУИ неконкретно спомнува забрана на одредени индустриски активности.

Аерозагадувањето не е спомнато единствено во и онака кратката програма на движењето ЗНАМ предводено од Максим Димитриевски, каде што заштитата на животната средина е спомната со само една реченица и е врамена како предуслов за конкурентна и одржлива економија.

Партиите ветуваат повеќе пошумување во нивните програми, а ВМРО-ДПМНЕ имаат најамбициозна агенда.

Пошумувањето е еден од еко-приоритетите на партиите | Фото: Архива на БИРН

Со цел да се подобри квалитетот на воздухот, сите партии се залагаат и за голем број садници. СДСМ ветува шест илјади садници. Партијата, во програмата предвидела и пошумување на Водно и на Скопска Црна Гора со растенија отпорни на климатските промени, пошумување околу јавните објекти и касарните и зелени зони околу индустриските капацитети.

ВМРО-ДПМНЕ најамбициозно најавува 10 милиони садници годишно во руралните и во планинските предели и единствено тие ветуваат 500 илјади неалергени садници во урбаните подрачја, таргетирајќи го проблемот со алергиите што го имаат многу граѓани во пролетниот период.

ДУИ и Коалицијата „Вреди“ поддржуваат пошумување, но не специфицираат број на садници.

Левица планира да го зголеми зеленилото во Македонија преку задолжителна годишна викенд-акција за пошумување, со минимум милион садници, во која ќе учествуваат АРМ, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и „Македонски шуми“.

Зелени субвенции и визии за решавање на отпадот

Дивите депонии остануваат како проблем во Македонија.

Се препознава потребата од модерни депонии | Фото: Архива на БИРН

Освен што се ветуваат поголеми вложувања во обновливи извори за енергија, еден од методите што се повторува во програмите е енергетска ефикасност на домаќинствата преку субвенции за менување на системот на греењe и мало производство на зелена енергија.

ВМРО-ДПМНЕ, со слоганот „Мојот дом не загадува“, предвидува грантови и кредити за 150 илјади домаќинства за нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати.

Исто како и на локалните избори во 2021 година, кога ДУИ се ребрендираше како зелена партија, сега партијата повторно планира поттик за енергетската ефикасност преку субвенции во домаќинствата за поставување клими.

Граѓаните имаат „не во мојот двор“ менталитет и најчесто се противат на депонии во нивните населби.

Мапирани 70 диви депонии | Фото: Архива на БИРН

СДСМ ветува дека ќе ги зголеми субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за домаќинства што произведуваат мали количества енергија со обновливи извори, како фотоволтаици.

Додека за многу прашања партиите се поделени, тие имаат слични идеи за наоѓање системско решение за отпадот и се заложуваат да ги затворат дивите депонии.

ВМРО-ДПМНЕ се залага за расчистување на 70 нерегулирани депонии.

СДСМ го препознава проблемот со сензитивноста на темата за отпадот во локалните заедници и посочува дека често граѓаните имаат „не во мојот двор“ менталитет кон депониите. Затоа тие планираат да разговараат со граѓаните за потребата од регионалните депонии каде што 80 отсто од отпадот ќе се обработува, а другиот дел ќе се депонира.

Левица оди чекор понатаму со предлог за задолжително рециклирање во урбаните центри и опремување на пет модерни државни регионални депонии. Тие, исто така, најавуваат забрана за увоз на отпад што не се користи како суровина.

Заедничко во нивната програма и онаа на ВМРО-ДПМНЕ е што ветуваат вклучување на неформалните собирачи на ѓубре во менаџирањето со градскиот комунален отпад.

ДУИ, пак, се концентрира на западниот дел од државата, каде што живеат мнозинство Албанци. Тие ветуваат дека ќе ја затворат депонијата „Русино“ во полошкиот регион и дека во следните години ќе се спроведува Националниот план за управување со отпад, кој е веќе одобрен, но сѐ уште не е целосно реализиран.

Рудниците како спорнa тема

Само Левица го спомнува рудникот „Иловица“ додека другите партии го игнорираат.

Се ветуваат филтри за РЕК | Фото: Архива на БИРН

Прашањето за рудникот „Иловица“ повторно се актуализираше лани, кога се објави владината одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато. Стравувајќи дека отворањето на „Иловица“ ќе ја загрози околината и земјоделските производи, струмичани организираа неколку масовни протести по кои владата изјави дека ќе ја преиспита одлуката.

Носителот на листата на Левица во изборната единица 4, Сашко Јанчев, во предизборниот спот ветува дека нема да дозволи да се отвори „Иловица“ во струмичкиот регион.

„Левица останува на досегашните политики во однос на прашањето за рудникот на смртта и нашата цел е најитно затворање на ова прашање“, вели тој.

„Иловица“ се спомнува како заложба и во програмата на Левица, но другите партии не ветуваат ништо за ова прашање.

Всушност, во програмите на СДСМ и ДУИ воопшто и не се спомнуваат какви било рудници.
ВМРО-ДПМНЕ ветува развој на политики за рудници и експлоатација на рудниците на лигнит во РЕК „Битола“, а слични политики за ова прашање ветува и коалицијата „Вреди“.

Идеологијата на партиите рефлектирана во еколошките визии

СДСМ го потенцира ЕУ наративот, а ВМРО-ДПМНЕ зборува за идни поколенија.

Екологијата како средство за реализирање на партиската идеологија | Монтажа: БИРН

Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за оваа тема, во својата програма ја врамува еколошката свест како патриотска должност. А кога ја потенцира програмата за пошумување, тоа е опишано како „садници за идните поколенија“.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, го гледа справувањето со климатските промени како шанса за технолошки напредок. Најавуваат инвестиции во „стартап“ компании и иновации против загадувањето.

Од друга страна, во програмата на СДСМ, заштитата на животната средина е претставена како предуслов за европска иднина. Ваквиот наратив е присутен и кај нивните коалициски партнери.

Минатата недела, пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија потпиша заложба против нелегалната сеча и уништување на шумите, со цел да се намали аерозагадувањето.

„Да станеме модерно европско општество, кое половина од својот ден го поминува во природа“, порача таа на својот фејсбук-профил.

На сличен начин, владејачката партија ДУИ, во програмата вели дека нивната цел е да промовираат чиста и здрава животна средина, во согласност со законодавството на ЕУ.

Левица, освен што најавува поголемо производство на енергија од обновливи извори, се фокусира на национализација на ЕВН и забрана за приватизација на хидроелектрани, како клучни левичарски зелени политики.

А оваа партија, најмногу отскокнува од другите во идејата за потенцијално отворање мала нуклеарна централа.