После 30 години Битола не е последна дестинација на железничката линија од Скопје, ама се’ уште е далеку Солун

По повеќе од 30 години, денеска, во 10:30 часот, од железничката станица во Битола се возобнови железничкиот правец од пругата која води кон соседна Грција, но во оваа фаза редовниот превоз на патници со воз од Битола ќе се одвива до железничката станица Жабени, каде се наоѓа истоимената индустриска зона.

Со реактивирањето на железничкиот превоз на патници од Битола до Жабени, се поместува последната станица на возот, а наскоро Битола ќе биде поврзана со Лерин и Солун, посочуваат од Македонски железници.

– Поврзувањето на двете соседни држави од македонска страна е завршено, а наскоро се очекува да биде рехабилитирана желеничката пруга која ги поврзува Лерин и Солун од грчка страна со што по повеќе од 30 години повторно и целосно ќе биде воспоставен железнички сообраќај од Битола до Солун, потврдија за МИА од Железници на Република Северна Македонија.

Како што е познато првата железничко-патна врска на Битола со Солун е воспоставена на 13 јули 1894 година кога на населението му било овозможено непречено патување, размена на стоки и престој во двата града.

Првата посета на Битола во 1911 година, тогашниот Султан Мехмед V Решад ја направил со доаѓање користејќи воз за што сведочи филмуван материјал од браќата Манаки, а со воз во Битола, во 1967 година пристигнал и тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, се сеќаваат нашите соговорници, во пресрет на реактивирањето на како што велат последната станица на возот.

Железничката пруга од Битола до границата со Република Грција, во должина од 18 километри почна да се обновува во 2015 година и притоа со средства од ЕУ и од македонската влада поставени се нови шини, сигнализација, изградени се 9 мостови, 30 безбедни железнички премини, нова станична зграда и други придружни елементи за непречен железнички сообраќај и превоз на патници.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.