Македонија
СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески поради незаконски потпишан анекс на договор за јавна набавка
Заради постоење основи за сомневање дека со склучувањето анекс на Договорот за јавна набавка од 27.03.2024 година со фирмата ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп, градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески направил повреда на законските одредби од Законот за јавни набавки, Општинската организација на СДСМ Прилеп против Јовчески поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“, истакна на денешната прес-конференција, Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на Општина Прилеп.
Она што треба да се истакне, според неа, е дека услугата за која бил склучен анексот воопшто не била опфатена со Програмата за јавно осветлување на Советот на Општина Прилеп за 2024 година, со што градоначалникот Јовчески извршил фаворизирање на фирмата „ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ“.
Дополнително, како што вели, спорниот анекс во висина од 998.614,00 денари бил склучен на 27.03.2024 година, односно за време на мандатот на преодната Влада, што значи дека постоела законска пречка за спроведување јавни набавки кои не биле внесени во Планот за јавни набавки.
„Советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на Општина Прилеп, подолго време укажуваше на низа неправилности во практикувањето на функцијата од страна на градоначалникот Борче Јовчески, на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија.
Сето тоа доби на интензитет со распишувањето на претстојните двојни избори и со паничниот обид на прилепските локални власти, спротивно на законите, со редица коруптивни договори да дојдат до глас повеќе.
Посочениот пример со потпишаниот анекс со „ЕЛЕКТРО – ТОЧИЛА ИНЖЕНЕРИНГ“, заради кој градоначалникот Јовчески ја заработи кривичната пријава, е слика и прилика на криминалното и насилничко владеење на ДПМНЕ на секое ниво“, вели таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.