Зоран Спасовски

Во одредени ретки извори, понекаде на интернет и главно во бугарски (и пак не во сите случаи) толкувања, старословенскиот јазик сѐ уште се нарекува старобугарски. На пр., многу често за Цар Самуил ќе се сретне: на староб‘лгарски: samoil7.

Ова прашање веќе одамна е решено во славистиката. Се работи, се разбира, за терминот со кој се означува првиот словенски книжевен јазик. Еве само накратко да споменеме овде, во минатото имало неколку теории за неговото потекло. Попознати се Панонската на Копитар и Миклошич и токму Бугарската, првобитно застапувана од Шафарик, а потоа преземена и развиена од Лескин. Според првата, овој јазик потекнувал од тогашниот говор на панонските Словени, а според втората всушност се работи за старобугарски, говор на тогашните Бугари, кој подоцна се развил во современ бугарски, како што на пр., старогрчкиот се развил во современ грчки. Сите тие теории се побиени од Ватрослав Јагиќ, ученик на Миклошич, според кој дијалектната основа на старословенскиот е македонска од околината на Солун. Ова подоцна неговиот ученик Ватрослав Облак го докажал и со теренски испитувања во околината на Солун (селата Суха и Зарово), и оттогаш непобитно е утврдено дека дијалектната основа на тој јазик била македонска, а со оглед што служел за сите Словени од тоа време, терминот кој е општоприфатен за неговото означување е старословенски. Тоа веќе може да се смета за решено прашање во славистиката и воопшто не треба нешто посебно да се објаснува или дискутира.

Меѓутоа може да се задржиме накратко на терминот старобугарски.

Денес и историската наука и славистиката се прилично напреднати и има повеќе податоци кои го осветлуваат прашањето многу подобро од порано. Денес јасно може да се каже од каде, кога точно и зошто дошле средновековните Бугари на Балканот и на кој народ му припаѓале. Познато е дека Словените дошле на Балканот некаде во 5 в., а тие во 7. (поточно 671 год.). Етнички биле Огури, сродни со денес познатите Огузи, претците на денешниот турски народ во Р. Турција. Други народи од нивната група биле Хазарите и Чувашите и единствениот денешен жив претставник на нивната јазична група е чувашкиот јазик.

Местото во кое се доселиле и каде ја основале својата империја денес познато како Добруџа (денес дел во Романија дел во Бугарија). Во овој регион се наоѓаат и најголемиот дел од нивните археолошки остатоци. Од тој јазик, макар малку, има и останато пишани записи, и најголем дел од нив пак се најдени во овој регион. А и денес таа област во јазична смисла е полн со турски јазични црти и практично еден вид мешавина од словенски, романски и туркски јазици.

Значи, тоа бил народ во тоа време јасно различен од тогашните Словени. Се разбира, фактот што со оглед што се работело за два сосема различни народи, ако му се посвети соодветно внимание, фрла нова светлина и врз многу други факти.

На пример, со оглед што се работело за два различни народа, станува јасно дека немало една просветителска и христијанизирачка мисија, само за Словени, туку две: за Словени и за Бугари. Ако имало пак, две различни мисии, тоа може да го објаснува и фактот на присуството на двете различни азбуки – кирилицата и глаголицата. Бидејќи, се разбира, такви големи потфати веројатно не се смислуваат набрзина и не се пополнуваат ад-хок, како што тече проектот. Веројатно претходно веќе имало и намера, и предварителен план, и биле измислени азбуки и преведени книги. А глаголицата и кирилицата се појавуваат приближно во исто време. На пр., кирилицата се јавува како веќе готова азбука на Преславскиот собор (893 г.), во време кога Моравската мисија веќе течела. Учесниците во неа (вклучително и св. Климент) едноставно немале време кога да ја изумат (биле на мисија, биле прогонувани и сл.). Пологично е да се претпостави дека и двете азбуки биле веќе претходно подготвени со претходно смислена цел: да се христијанизираат двата народа. А зошто надвладеала едната азбука и едниот народ го снемало? Бидејќи христијанизацијата била со цел и двата да влезат под владеењето на големата христијанска империја – византиската. Затоа и подоцна веќе Бугарите коишто дошле во 7 в., околу 9-10 ги снемува од сцената на народите, и како земја и како народ. А се прифатиле нивните обележја за и другите да не можат да тврдат своја традиција и историја.

И конечно, да ѝ се вратиме на поентата на текстот: со оглед на тоа што средновековните Бугари биле друг народ и си имале свој јазик, што се знае на која етничка заедница ѝ припаѓале, кога дошле и колку се задржале на овој терен, терминот „старобугарски“ многу повеќе би одговарал за нивниот јазик, за туркскиот јазик кој тие го зборувале, без разлика што не останале многу записи од него. И кој, се разбира, бил различен и од говорните словенски јазици од тоа време и од литургискиот кој се користел и од самите Бугари од тоа време во религиозна намена – старословенскиот.

(Авторот е научен соработник во Институтот за македонски јазик)