УНИЦЕФ: Повеќе од 230 милиони жени во светот се жртви на осакатување на гениталиите

Во извештајот на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), објавен вчера на Меѓународниот ден на жената, се наведува дека во светот повеќе од 230 милиони жени биле подложени на генитално осакатување, што е за 30 милиони повеќе од пред осум години.

Таму се наведува дека 4 од 10 жени подложени на зафатот живеат во земји погодени од конфликт со високи стапки на пораст на населението и исто така се наведува дека политичката нестабилност ги попречува напорите да се спречи оваа практика и да се обезбеди целосна поддршка на жртвите.

Женско генитално осакатување е името дадено на сите процедури кои вклучуваат делумно или целосно отстранување на надворешните женски гениталии или какво било осакатување на женските генитални органи од традиционални, религиозни или други причини. Ритуалното женско обрежување е проблем во многу делови од светот, а последиците од таквиот чин се доживотни.

Тоа може да предизвика сериозно крварење, па дури и смрт, а девојчињата обично се подложуваат на процедурата помеѓу детството и адолесценцијата.

Долгорочно може да доведе до инфекции на уринарниот тракт, менструални проблеми, болка, намалено сексуално задоволство и компликации при породување, како и депресија, ниска самодоверба и посттрауматско стресно нарушување.

Во извештајот се проценува дека околу 144 милиони жени и девојчиња се подложуваат на процедурата само во Африка, по што следат Азија со 80 милиони и Блискиот Исток со 6 милиони случаи.

Сомалија е на врвот на листата на земји каде што оваа практика продолжува, со дури 99 отсто од женската популација на возраст од 15 до 49 години.

Во искоренувањето на оваа практика најмногу напредува Буркина Фасо, каде што во последните 30 години процентот на жени на возраст меѓу 15 и 49 години е намален од 80 на 30 проценти.

Во Етиопија, Нигерија и Судан е забележан најголем број жени и девојчиња подложени на осакатување на женски гениталии во земјите погодени од конфликти.