Кој ја продолжува претседателската трка – граѓаните одлучија!

Ако по вечерта, утрото се познава, во втор круг на претседателските избори од седумте кандидати, трката ја продолжуваат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова и кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Според податоците од Државната изборна комисија, во 21:30 часот, од обработени 69,28% од гласовите, во водство беше кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова со 238.726 гласа или 38,88% од гласовите, додека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, имаше 116.948 гласа или 19,04% од гласовите. Потоа следуваа Бујар Османи со над 90 и пол илјади гласа, Арбен Таравари имаше 65 и пол илјади, а Максим Димитриевски нешто над 51 илјада гласа. И од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, по речиси половина од обработените гласови, брифираа дека нивната кандидатка води со 2:1 наспроти противкандидатот од СДСМ, Пендаровски

1826

Македонија гласаше на седмите претседателски избори од независноста на земјата. Граѓаните денеска имаа можност да го дадат својот глас за идниот претседател, кој ќе ја води државата во следните пет години. Изборната трка ја трчаа седум кандидати. Гласачите можеа да се определат за еден од нив – петмина мажи и две жени. Кандидирани беа актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Билјана Ванковска, поддржана од Левица, Максим Димитриевски – ЗНАМ, Стевчо Јакимовска – ГРОМ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи, поддржан од Европскиот фронт. За влез во втор круг беше потребно кандидатот да освои повеќе од половината гласови од вкупниот број регистрирани гласачи, поради што беше речиси извесно дека шефот на државата ќе се избира во вториот круг, кој е на 8 мај.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на прес-конференција веднаш по затворањето на гласачките места рече дека овие избори се почеток на крајот на оваа власт. Тој додаде дека на изборниот ден граѓаните покажале дека овие избори им се важни и им честиташе за високата демократска свест манифестирана преку големата излезност. Муцунски оцени дека изборниот процес помина генерално мирно во фер и демократска атмосфера со низа помали прекршувања, пред сè, како што рече, предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.

-За сите забелешки ќе постапиме пред институциите, затоа што во наш интерес е да имаме кристално чист изборен процес, кој ќе заврши со победа на Македонија. Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и на враќањето на Македонија на народот, процес кој ќе ја направи земјата горда, рече Муцунски.

Портпаролката на СДСМ, пак, Богданка Кузеска на прес-конференција изјави дека во нејзината партија се уверени дека граѓаните „и денес и на 8 мај ја поддржуваат европската иднина за Македонија, во која Македонија е дел од европското семејство и горда членка на ЕУ“. Таа рече дека изборниот ден поминал во демократска атмосфера, а констатирани се многу мали прекршувања на изборниот процес, кои ги сметаат за исклучоци.

-Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои го дадоа својот глас. Правото на слободно одлучување и глас е највредна придобивка на демократијата, а гласањето е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата, рече Кузеска и потсети дека претседателските избори имаат два круга.

Според податоците од Државната изборна комисија, во 21:30 часот, од обработени 69,28% од гласовите, во водство беше кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова со 238.726 гласа или 38,88% од гласовите, додека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски имаше 116.948 гласа или 19,04% од гласовите. Потоа следуваа Бујар Османи со над 90 и пол илјади гласа, Арбен Таравари имаше 65 и пол илјади, а Максим Димитриевски нешто над 51 илјада гласа. Билјана Ванковска имаше околу 28 илјади гласа, а Стевчо Јакимовски 5.500 гласа.

И од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, по речиси половина од обработените гласови, брифираа дека нивната кандидатка води со 2:1 наспроти противкандидатот од СДСМ, Пендаровски.

По завршувањето на гласањето, се активираа штабовите на кандидатите. Во ВМРО-ДПМНЕ имаше славеничка атмосфера, во СДСМ беше тивко, додека од ЗНАМ се пожалија дека изборите биле делумно фер и демократски. Портпаролот на движењето, Никола Мемов, констатираше дека имало нерамноправност во медиумското претставување, како и политички притисок врз нивниот кандидат Максим Димитриевски, но и покрај тоа, Движењето ЗНАМ ги исполнило целите на кампањата.

-Политичкиот притисок на нашиот кандидат за претседател, преку монтиран судски процес, поради одбрана на јавниот интерес наспроти бизнис интересите на фирми спонзори на власта. Господинотнот Димитриевски беше повеќепати повикуван на судски рочишта и распит во Обвинителството во сред кампања, само со цел да го нарушат неговиот личен углед, но и динамиката на нашата кампања. Преку позитивна, скромна и луцидна кампања на терен и преку медиумите до граѓаните ги пренесовме нашите конзистентни политики и политички пораки. Сакам да им се заблагодарам на сите наши членови и поддржувачи со порака дека продолжуваме понатаму со уште позасилено темпо до парламентарните избори на 8 мај, рече Мемов.

Денеска се гласаше на вкупно 3.480 избирачки места, а право на глас на овие избори имаа  вкупно 1.814.317 избирачи. Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, за гласање во државата беа запишани 1.713.758 избирачи, 95.116 избирачи се на привремена работа или престој во странство, а 2.147 се на издржување казна затвор или се во притвор.

Изборите ги следеа вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи.

Дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштените лица гласаа ден пред изборите, односно во вторникот на 23 април. Гласањето за претседател почна со членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.

И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај не беше прекината.

Карактеристично за овие избори, и за првиот и за вториот круг, кој се поклопува со изборите за пратеници, е што тие наместо во недела, се спроведуваат во среда, ден што Владата го прогласи како неработен.

На 8 мај, гласачите на избирачките места за вториот круг од претседателските и за парламентаните избори, пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не. Доколку не сакаат да гласаат на некој од изборите, нема да можат во текот на денот да се премислат и да се вратат на избирачкото место повторно и да гласаат.

На седмите претседателски избори од независноста, се избира шестиот шеф на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски, кој повторно се кандидира.

Според македонскиот изборен систем, претседателот  се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од пет години, со право на најмногу два мандати.

Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.

Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услова, целата изборна постапка се повторува. (В.С.Н.)