НовостиСветот на работникот

Месеци или години, колку време е потребно за пронаоѓање на работа во странство?

   Време за читање 4 минути

Секој човек е приказна за себе и секој кој заминал да работи надвор од Македонија има различно искуство. Но, сепак за да заминат во странство, граѓаните честопати е потребно да поминат низ процес на апликации, интервјуа, селекција, да учат јазик, а за сето тоа се потребни месеци или години.

„Јас имам европски пасош и полесно најдов работа, а тие што немаат, преку агенции наоѓаат работа. Англиски јазик знаев и тоа многу ми помогна. Имав пријатели на Малта и тие ми помогнаа да отидам. Обично така прават луѓето, им помагаат роднини или пријатели. Од самата идеја за работа во оваа земја до заминувањето поминаа два – три месеци. Туристичка земја е, се бараат работници, но ако некој не се снајде, може да се случи да се врати. Без јазик е потешко, но се снаоѓаат луѓето. Јас бев пред 3 години, но оние кои сега се таму кажуваат дека има промени“, вели девојка од Источна Македонија која работела на Малта.

Патот до наоѓање работа во странство не секогаш оди брзо и лесно. Зоран Кочоски од агенцијата Коузон вели дека кон ова прашање не треба да се пристапува површно и треба да се знае дека луѓето откако ќе заминат, таму на почеток нема да им биде лесно, туку ќе имаат период од 3 до 5 години, време кое ќе треба да го потрошат за да во иднина имаат резултати, а нивните деца да живеат во посредено општество. Секој поединец треба да знае која му е целта, зошто заминува во странство, што би сакал да работи и дали она што ќе го најде е вистинското за него и ги исполнува очекувањата. Објаснува дека голем дел од македонските граѓани бараат работа во странство, но најчесто со несоодветни квалификации и со непознавање на странски јазик, што ги кочи во нивниот напредок.

„Над 50 отсто одат да работат во средини каде не го познаваат локалниот јазик. Ако не знаете јазик, како ќе функционирате? Вие ќе мора да зависите од некој друг. Што се однесува до сезонската работа, има многу млади луѓе кои заминаа во Хрватска и Малта, ќе поминат таму 6 месеци, потоа ќе се вратат и за нив е ок, но кога ќе помине време и ќе ги потрошат своите најубави години, младоста, период  кога треба да направат кариерен и животен напредок,  ќе сфатат дека не е тоа што би требало да биде. Некој ќе се снајде, ќе успее, но тоа не е случај со сите“, вели Кочоски.

Тој објаснува дека младите ако планираат да се иселат, мора да инвестираат во себеси, своите јазични и други вештини. Само тоа е гаранција за полесно снаоѓање во нова средина.  На интернет има доста информации за животните трошоци, кирии во странските земји, но реалните пресметки граѓаните ќе ги имаат кога ќе стигнат таму.

„За да се знае дали некоја понуда за работа во странство е сигурна, за да се заснова работен однос, тоа не оди само така едноставно на збор, туку тој човек треба да помине на интервју и да знае дека е тоа сериозно. Во однос на трошоците за живот, тоа не може однапред да се знае прецизно, додека не појдат таму, затоа што во странство ги исплаќаат работниците по работен час, а доколку сте слаб работник, ќе имате помалку работни часови, а со тоа и помалку пари“, додава Кочоски.

Претходните години многу истражувања покажаа дека 80 или дури и 90 отсто од младите сакаат да заминат од државата.

Извор: faktor.mk