Млад и инспиративен, Петар Трајанов е име што сè почесто се спомнува кога станува збор за врвна инструментална изведба. Роден во музичко семејство, уште од најрана возраст го чувствува пулсот на музиката. Пијаното е неговата прва љубов, но со текот на времето неговата музичка приказна се проширува со звуците на автентичниот шмек на гајдата и хармониката.
Овој талент и труд не остануваат незабележани. Сашко Велков, еден од најголемите македонски виртуози на хармоника, го препознава исклучителниот потенцијал на Петар и му нуди соработка. Резултатот е оригиналното дело „Исток Циганка“ – оро кое пулсира со емоција, традиција и силен уметнички печат.
Музиката е напишана од самиот Петар, а за аранжманот и финалната продукција се погрижил токму Велков, кој покрај тоа што е ментор, станува и креативен сојузник на овој млад музичар. Делото успешно ја спојува енергичноста на балканскиот ритам со личниот израз на Трајанов, создавајќи автентично звучно патување.
Со продукциска поддршка од Арт Студио, спотот за „Исток Циганка“ е снимен во раскошната Венеција – градот што инспирира со својата мистичност, романтика и историска убавина. Видеото претставува симбиоза на култури, каде македонскиот звук оживува меѓу венецијанските канали и камени мостови.
Со овој проект, Петар Трајанов не само што го најавува својот музички правец, туку и поставува стандарди за новата генерација инструменталисти.
Како звучи и изгледа кога некој ќе ја внесе македонска душа во срцето на Венеција, проследете во продолжение од видеото на Петар Трајанов – „Исток Циганка“…