Пораки од македонскиот великан Гоце Делчев кои политичарите треба често да ги читаат

Македонија денеска се поклонува на големото дело на македонскиот великан Гоце Делчев. Се одбележуваат 121 година од смртта на големиот револуционер и борец за слобода на Македонија и македонскиот народ.

Граѓани положуваат цвеќе и се поклонуваат на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Има и делегации од партиите.

-Се поклонуваме на ова место, за нас посебно, традиционално, на македонскиот великан Гоце Делчев со желба за национално обединување, општествено обединување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Како што Делчев и Илинденците не се откажале од нивната борба, така и ние не треба да се откажеме од нашата борба за подобра Македонија за нашите деца и внуци, рече првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски

Не е познато што би им кажал Гоце Делчев да можеше да презбори. Но познати се повеќе негови укажувања од пред многу години – кои се уште се актуелни:

-Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.

-Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

-Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците.     

-Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

-Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

Вака беседеше великанот пред многу години. Делчев не клечеше пред поробувачи и негатори на неговиот македонски народ и на крај дури и животот го даде за слободата на Македонија.

Дали сето ова доволно се почитува? Некогаш е доволно само да се препрочитаат неговите беседи, тие понатаму ќе укажат како треба да си го чуваме идентитетот, јазикот, историјата…

 

Претходна вестКривична пријава против две лица, расчистени 4 кривични дела, одреден притвор
Следна вестСДСМ оддаде почит и положи цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот великан Гоце Делчев