Еурофарм Пелистер остана на нула во ЛШ: 14 порази на исто толку натпревари

Еурофарм Пелистер ја заврши сезоната во ракометната Лига на шампиони со 14 порази на исто толку натпревари. Македонскиот првак не се прослави ниту вечерва на гостувањето кај Колстад и загуби со 34-27 во рамки на последното коло од групната фаза.

Во дуел на двата тима, кои беа без шанси за прогрес во нокаут рундата Колстад уште еднаш покажа дека нашиот првак е далеку од ракометната елита сезонава. Норвешкиот тим доминираше во најголем дел од натпреварот, а во првото полувреме имаше и предност од седум голови. На полувремето беше 17-13. Пелистер имаше еден добар период во последните десетина минути, кога направи серија од 4-0 за да намали на -3, но домашниот тим брзо одговори. Конечниот резултат гласеше 34-27.

Урош Борзаш беше најефикасен во редовите на Пелистер со 11 голови од 17 удари, а Урбан Лесјак на голот имаше седум одбрани. Кај Колстад, 11 голови имаше Симен Улстад Лисе, а девет пати реализираше Сигвалди Гудјонсон.

Ова беше последна сезона во која македонскиот првак имаше директен пласман во групната фаза во Лигата на шампиони. Клупскиот коефициент сериозно се намали по слабите резултати изминатите неколку сезони, па од осмото место во Европа падна на 13-тото. Од следната натпреварувачка година тимот што ќе ја освои домашната Суперлига ќе може да бара вајлд-карта за учество во елитата, но конечната одлука ќе ја има ЕХФ.

Претходна вестУште еден кандидат за претседател доставил иницијатива за собирање потписи
Следна вестКривична пријава против 26 лица, испорачувале помалку нафта во градинките и училиштата во Штип