Науката кажува: поголеми плати на наставниците – подобри успеси на учениците!

Според студијата објавена на 19 март 2022 во магазинот SAGE Open која ја вклучила анализата на платата на наставниците во корелација со успехот на учениците во САД е утврдено дека кога наставниците се платени повеќе и учениците имаат подобри резултати!

Garcia & Han / SAGE Open
Односот помеѓу основната плата и постигнувањата по математика на учениците според еден од резултатите во студијата.

Студијата е направена врз огромен примерок од 10.000 училишни области во САД (секоја област има неколку училишта) што секако влијае уште повеќе врз нејзината веродостојност.

Според студијата претходно постоеле многу малку податоци за оваа корелација и, зачудувачки, речиси да не се направени слични истражувања, барем не на толкав примерок испитаници.

За да се осигураат дека добиваат релевантни податоци, во истражувањето ги вклучиле различните карактеристики на областите и населбите, за да ги пронајдат најсличните и да ги споредат.

Резултатите биле децидни – поголемата плата влијае врз подобриот успех на учениците!

Откако ги добиле резултатите истражувачите се запрашале зошто зголемените примања влијаат добро на успехот на учениците. Нивниот одговор е дека поголемата плата привлекува поквалитетни наставници, им ја зајакнува мотивацијата за работа и влијае на ентузијазмот што прави попријатна и помотивирачка средина за учење.

Колку за споредба, почетната плата на наставник во САД е 41.163 долари годишно или 3.430 долари (191.938 денари) месечно, додека просечната плата е 65.420 долари годишно или 5.452 долари (305.086 денари) месечно за основно училиште, а во средно уште повеќе.

Плата на наставник во Македонија е 24.000 денари (428 долари) месечно или 288.000 денари (5.160 долари) годишно.

Тоа значи дека еден наставник во Македонија заработува годишно помалку отколку што еден наставник во САД заработува месечно!

Се разбира САД има поинаков стандард, но што значи тоа? На пример, цената на литар бензин во САД е 1.2 долари (или околу 65 денари)! Останатите математики ги оставаме вам.

One thought on “Науката кажува: поголеми плати на наставниците – подобри успеси на учениците!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *