НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ИСПРАТИЈА 18 ПРАШАЊА ДО ПАРТИИТЕ, ОД ЗАГАДУВАЊЕТО, ПРЕКУ УРБАНИЗМОТ, ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ПА ДО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ, БАРААТ КОНКРЕТНИ РОКОВИ, БУЏЕТ И ОДГОВОРНИ ЛИЦА

    НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ИСПРАТИЈА 18 ПРАШАЊА ДО ПАРТИИТЕ, ОД ЗАГАДУВАЊЕТО, ПРЕКУ УРБАНИЗМОТ, ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ПА ДО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ, БАРААТ КОНКРЕТНИ РОКОВИ, БУЏЕТ И ОДГОВОРНИ ЛИЦАГраѓани заедно со неколку граѓански иницијативи на 3 февруари годинава протестираа против спорната 17-катница која почнува да се гради среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Граѓански и независни иницијативи кои учествуваа на локалните избори, заедно со еко-здруженијата, до политичките партии учесници на претстојните парламентарни изброи 18 прашања, за кои очекуваат конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности. Станува збор за прашања поврзани со: загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото и квалитетот на животот.

    На последните локални избори, листите на граѓанските иницијативи освоија над 65 илјади гласови, што ги прави четврта политичка сила во земјата. Само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ имаа повеќе гласови.

    Во заедничкото соопштение на овие граѓански иницијативи и здруженија се вели дека само на тој начин ќе бидат убедени дека се знае како да се променат работите, а не само да се ветува без план.

    „Затоа до политичките партии учесници на изборите доставуваме 18 прашања на кои наместо флоскули и демагогија очекуваме конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности. Само така ќе бидеме убедени дека се знае како да се променат работите, а не само да се ветува без план! Скоро 70% од законите се спроведуваат на локално ниво, во нашите општини. На прагот сме на парламентарни избори, а одлуките кои следните парламентарци ќе ги носат, директно ќе влијаат и на политиката на локално ниво. Ние на овие избори не учествуваме директно, но и ние и останатите граѓани гласаме. И сакаме информирано да гласаме“, велат овие организации.

    Оттаму велат дека одговорите од партиите ги очекуваат до 2 мај, а потоа јавно и во целост ќе ги објават пред гласањата на 8 мај за да бидат патоказ, но и обврска за периодот кој следи.

    Зад прашањата стојат: Граѓанска иницијатива Шанса за Центар – Скопје, O2 Иницијатива, Граѓанска иницијатива Зелен хуман град – Скопје, Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба – Скопје, Граѓанска иницијатива Независни за Карпош – За заштита на Карпош- Скопје, Граѓанска иницијатива Заедно за промена – Скопје, Граѓанска иницијатива Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село, Граѓанска иницијатива За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода – Скопје, Граѓанската иницијатива Грин.Орг – Кочани, Граѓанска иницијатива . Охрид СОС.

    Прашањата до политичките партии се:

    1. Загадување: Што конкретно ќе преземете во текот на следната година, во следните 3 и 5 години за бројката од 5600 жртви од загадувањето да не расте, туку да се намалува и дали ги знаете економските последици од загадувањето и како ќе се справувате со нив?
    2. Загадување: Кога ќе почнете и во кој рок ќе го завршите префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање и така ќе го спречите континуираното труење на граѓаните?
    3. Загадување: Кои се вашите конкретни чекори за справување со отпадот во кој се гуши државата и како ќе се санкционираат општините коишто не се справуваат со отпадот?
    4. Загадување: Дали имате јасен план за организирање на незагадувачки јавен транспорт во Скопје и поголемите градови?
    5. Загадување: Дали ќе го „одмрзнете“ проектот за обележување на старите загадувачки автомобили , и нивно скалесто отстранување од сообраќај во денови на зголемено аерозагадување?
    6. Загадување: Како ќе овозможите конечно да се спроведува Законот за бучава кој предвидува и со него предвидената државна мониторинг мрежа за мерење на бучава и како ќе воспоставите ефикасен систем за контрола и санкционирање?
    7. Загадување: Кој е вашиот став за рудници во земјоделски региони, во близина на населени места и заштитени подрачја, како и за малите хидроцентрали по реките?
    8. Загадување: Каде и колку пречистителни станици за отпадни води ќе изградите во овој мандат?
    9. Загадување: Кога ќе направите фонд за животна средина од сите еколошки такси во државата?
    10. Урбанизам: Кога ќе го смените Законот за градежно земјиште со кој се дозволува оној кој има 30% да може да откупи 70% од градежна парцела со државно земјиште? Kако ќе спречите приватизација на атрактивно државно земјиште по багателни цени?
    11. Урбанизам: Кога и како ќе ја запрете легализацијата на дивоградбите и како ќе се справите со постоечките дивоградби и дивеењето на инвеститорскиот урбанизам?
    12. Урбанизам: Која е вашата стратегија во неколку конкретни чекори да ја прекинете финансиската зависност на општините само од комуналии и издавање нови градежни дозволи?
    13. Урбанизам: Што ќе правите со проектот Скопје 2014?
    14. Владеење на право: Како ќе овозможите полесно да се спроведуваат локални референдуми и облици на непосредно изјаснување на граѓаните и следење на политиките?
    15. Владеење на право: Дали ќе поддржите јавна расправа во Собранието за Изборниот законик по изборите?
    16. Сообраќај: Како ќе го намалите бројот на жртви во сообраќајот и сообраќајниот хаос?
    17. Како ќе го вратите комуналниот ред во општините?
    18. Дали имате јасен план за справување со кучињата скитници на национално ниво?

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира