Замокот „Хари Потер“ во Одеса бомбардиран, најмалку пет убиени

од Илинка Илиоска

Пет лица загинаа, а други 23 се згрижени во болница по руски ракетен напад врз јужното украинско пристаниште Одеса, соопштија локалните власти, пренесе Би-Би-Си.

Во нападот беше погодена зградата која локалците ја нарекуваат замокот „Хари Потер “.  Луѓето кои биле во зградата немале доволно време да се евакуираат бидејќи сирените се активирале само неколку минути пред нападот.

„Типот на ракета во моментов се испитува. Форензичарите ги вршат соодветните проценки“, рече портпаролот на јужните одбранбени сили на Украина, Дмитро Плетенчук.

Инаку, зградата чиј прекар доаѓа од готскиот стил во кој е изградена и потсетува на замоците од серијалот „Хари Потер“ е дом на Серхиј Кивалов, кој бил повреден во нападот.

Претходно во Кијив, на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, Зеленски рече дека мали количини оружје и муниција почнале да пристигнуваат во Украина, но повика да се забрзаат испораките. „Потребна ни е навремена поддршка за нашата армија. И денеска не гледам ништо позитивно во ова. Има залихи, почнаа полека, но овој процес треба да се забрза“, изјави Зеленски.

Протокот на оружје се очекува да се зголеми откако американскиот претседател Џо Бајден минатата недела го потпиша долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари. Бајден рече дека пакетот ќе вклучува муниција за противвоздушна одбрана за да и помогне на Украина да ги заштити своите градови и инфраструктура, артилериски гранати и ракетни системи со долг дострел.

Слични содржини