Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Началниците на генералштабовите на армиите на Норвешка и Македонија ќе остварат средба во Охрид

Охрид, 10. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Еирик Кристоферсен, кој од вчера е во дводневна официјална посета на Армијата на Република Македонија, денеска во Охрид ќе оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Церемонијата за пречек со воени почести, информираа од ГШ на Армијата, ќе се одржи во Кампот за обука на вода, кај сидриштето „Билјанини извори“, по што генералот Кристоферсен ќе оствари средба со својот домаќин, генералот Ѓурчиновски.

– Тема на официјалните разговори, покрај билатералната соработка, ќе бидат и активностите во процесот на трансформација на Армијата, нашиот придонес во мисиите и активностите на НАТО надвор од земјата, како и капацитетите и можностите за изведување на вежбовни активности на армискиот полигон „Криволак“, се наведува во соопштението.

За време на посетата, на генералот Кристоферсен од страна на генералот Ѓурчиновски ќе му биде доделено армиското признание „Златна значка на Армијата“ во знак на благодарност за досегашната помош и поддршка, меѓу кои е и последната донација составена од 76 моторни возила. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука