Руската војска објави за уште едно заземено место во Донбас

Руските сили ја преземале контролата над селото Семеновка на работ од одметнатиот проруски источен украински регион Доњецк, објави руското Министерство за одбрана во понеделникот, ден откако главниот командант на украинската армија потврди дека неговите сили загубиле позиции на источниот дел од фронтот.

„Единиците на групата војски Центар, како резултат на активните дејствија го ослободија населеното место Семеновка во Народната Република Доњецк“, се наведува во објавата на руската војска.

Засега нема коментар од Киев за ова тврдење од Москва, но во неделата врховниот командант на Вооружените сили на Украина, генералот Александар Сириски потврди дека борбите во источна Украина се влошија и украинската армија се повлекла на нови позиции на најмалку три места долж линијата на фронтот а притоа ја спомена и позицијата во Семеновка.

Руската армија бавно но континуирано напредува на истокот, а фокусот на борбите е во близина на градот Часoв Јар и северозападно од Авдиeвка, градот кој беше заземен од руските сили во февруари.

Александар Сирски објави на платформата Telegram дека неговата војска заземала нови позиции западно од селата Бердичи и Семеновка, двете северно од Авдиевка.

„Непријателот постигна одреден тактички успех во тие области, но не можеше да постигне оперативни предности“, тврди во објавата Сирски.

Главниот командант додаде дека неодамна одморените украински бригади ротираат во тие области за да ги заменат единиците што претрпеа загуби.

Руското Министерство за одбрана во неделата соопшти дека нивните сили го зазеле селото Новобахмутивка кај Бердичи, но украинската војска, исто така, сѐ уште не го коментираше ова тврдење од Москва.

Заземањето на Семеновка би им овозможило на руските сили да ги опколат украинските единици во селото Бердичи. Имено, по линијата Тоненкое – Орловка – Семеновка – Бердичи, украинските војски се обиделе да одржат некакви позиции за повторно заземање на Авдиевка со што би добиле во време за опремување и поголемо утврдување во западниот дел на регионот Доњецк, пишуваат руските воени блогери.

Дополнително во понеделникот руското Министерство за одбрана во дневниот извештај за ситуацијата на фронтот наведува дека групата војски Центар ги нападнала три единици на украинската војска и една единица на ткн Легион на странците составен од платеници во областите на селата Новоалександровка, Архангелское, Зарасовка и Тарасовка. Истовремено, во текот на изминатото деноноќие, руските трупи одбиле десет противнапади на јуришните групи на три украински бригади кај селата Новобахмутовка, Нетаилово, Новокалиново и Бердичи.

Украинската армија во овие борби загуби околу 370 загинати и ранети војници, два оклопни транспортери и четири возила. Уништени се и американски хаубици „М777“ и „М102“, артилериски систем Д-20, хаубица „Мста-Б“, две хаубици Д-30 и противтенковски систем „МТ-12 Рапир“. Москва вообичаено не известува за руските загуби.